Кој планира да оди на одмор, нека не заборава дека автомобилот мора да има „пасош“, односно зелен картон. Прашањето е зошто во 2025-та година сè уште плаќаме за нешто што во ЕУ веќе е укинато?
Македонските граѓани секое лето купуваат зелени картони за да можат да патуваат низ Европа со своето возило. Тоа е всушност меѓународен документ за осигурување од автоодговорност, кој потврдува дека возилото има важечка полиса за осигурување. Но цените на зелениот картон варираат, зависно од времетраењето.
Прашањето кое си го поставуваат сите е зошто плаќаме нешто што веќе не постои во Европа?
Речиси сите земји-членки на ЕУ, но и некои од регионот (како Србија, Бугарија и Хрватска), веќе одамна се дел од системот на дигитален зелен картон. Тоа значи дека автомобил со регистарски таблички од тие земји се признава како осигуран без дополнителен документ.
Но Македонија, и покрај најавите, сè уште не е дел од овој систем. Причините се сложени, вклучуваат административни, технички, но и политички пречки, како и финансиски интереси на одредени чинители во осигурителниот сектор.
Продажбата на зелени картони е еден од ретките „сигурни“ извори на приход за осигурителните компании, бидејќи голем дел од нив никогаш не се активираат за штета. Токму затоа, интересот за задржување на статус-квото е голем.
Доколку Македонија како држава сака да се интегрира во европските процеси, либерализацијата на осигурителниот пазар и вклучување во системот за автоматско признавање на автоосигурување е неизбежна. Тоа би значело и олеснување за граѓаните, но и губење на еден не толку транспарентен извор на заработка за некои компании.
С.Б.



