28 април, 2024
ПочетнаАВТОБИЗПремиера на MINI за 2014-та година

Премиера на MINI за 2014-та година

minici

Новата трета генерација на современиот „MINI“ имаше премиера вчера во фабриката на овој производител во Оксфорд. Автомобилиот најпрво ќе биде достапен во верзии со три мотори и исто толку преносни системи, а продажбата ќе започне во пролетта 2014-та.

Растечкиот тренд на моделот „MINI“ продолжи и кај најновиот хечбек. Новата генерација е подолга за 98 mm и поширока за 44 mm од актуелната верзија, а меѓуосовинското растојание е зголемено за 42 mm.

Намалена е единствено висината на возилото и тоа за само 7 mm.

minici1

Зголемувањето на просторот во внатрешноста нема да се рефлектира само на комфорот на патниците. Просторот во багажникот исто така порасна на 211 литри, што е за 30 проценти повеќе во споредба со претходната генерација на овој автомобил.

Иако дизајнерски нема значајни промени, новиот „MINI“, според зборовите на луѓето од компанијата е „променет до темел“.

На купувачите на почетокот ќе им бидат достапни три мотори со турбо-полнење и со „Euro 6“ стандардите, како и со „stop-start“ технологијата.

minici2

„MINI Cooper“ под хаубата ќе има нов трицилиндарски 1.5 литарски „twin-turbo“ бензински мотор со 136 ks (100 kW) и 220 Nm максимален вртежен момент.

Според фабричките податоци, просечната потрошувачка во комбиниран режим со мануелен менувач ќе изнесува 4,5 l/100 km, a CO2 емисијата од 105 g/km. „MINI Cooper“ до „стотка“ ќе стигнува за 7.9 секунди, додека максималната брзина ќе изнесува 210 km/h.

minici3

Моделот „Cooper S“ ќе користи четирицилиндарски 2.0 литарски бензински агрегат со 192 ks (141 kW) и 279 Nm. Ако моторот се комбинира со мануелен менувач, автомобилот просечно ќе троши 5,7 l/100 km и ќе емитува во атмосферата 133 грама јаглерод-диоксид по километар.

Забрзувањето од 0 до 100 km/h ќе го постигнува за 6.8 s со максимална брзина од 235 km/h.

minici4

Единствениот дизел мотор во почетокот ќе биде новиот 1.5 литарски агрегат од типот „common-rail“ со директно вбризгување и со 116 ks (85 kW) и 270 Nm. Oвој мотор ќе се наоѓа во моделот „Cooper D“ кој е со просечна потрошувачка од 3,5 l/100 km и е најекономичниот од трите претставени автомобили. Тоа е и воедно и еколошки најприфатливиот агрегат со оглед дека неговата „CO2“ емисија изнесува 92 g/km.

„MINI Cooper D“ од мирување до брзината од 100 km/h забрзува за 9,2 s, додека максималната брзина на оваа верзија изнесува 205 km/h.

minici5

Моќта на моторот ќе се пренесува на предните тркала по пат на еден од трите понудени менувачи. Покрај стандардниот шестбрзински мануелен менувач, купувачите ќе можат да одберат и шестстепен автоматик кој е достапен во две изданија, од кои спортската верзија овозможува брза промена на степените на пренос, а брзините може да се менуваат и преку рачките на управувачот.

Палетата на мотори и семејството на новата генерација „MINI“ ќе бидат проширени во 2014-та година со основните модели „One“ и „One D“, како и со „Cooper SD“ и најмоќниот „John Cooper Works“.

minici6

Новиот „MINI“ ќе биде достапен со варијабилен систем на суспензија кој овозможува два начини на возење – „Comfort“ и „Sport“.

Моделите „Cooper“ и „Cooper D“ ќе бидат стандардно опремени со 15 инчни алуминиумски тркала, додека за „Cooper S“ се резервирани тркала од 16 инчни. Како опција во понудата ќе се најдат и 17 и 18 инчни алуминиумски тркала.

minici7

„MINI“ за 2014-та е поставен на платформата на „BMW“ – „UKL1“ и како што велат во компанијата, ова е првиот модел во својот сегмент кај кои фаровите и стоп-светлата во целост е применета „LED“ технологија.

Во внатрешноста на автомобилот имаше промени во однос на втората генерација кои најпрво се забележуваат во распонот на инструментите, но и во нивото на опрема. Наместо на централниот дел на командната табла, брзинометарот сега се наоѓа директно пред возачот.

minici8

Во побогатите пакети на опрема на купувачите ќе им биде достапен и 8.8 инчен екран за мултимедијалниот уред кој е сличен како „BMW – iDrive“ системот. Покрај тоа, кабината на новиот „MINI“ е опремена и со поквалитетни материјали во споредба со претходната верзија на ова возило.

Новиот „MINI“ ќе пристигне во продажните салони во пролетта 2014-та година. Почетната цена во Велика Британија за „MINI Cooper“ ќе изнесува 15.300 фунти (18.200 евра), зa „Cooper D“ 16.450 фунти (19.600 евра). Најскапиот „MINI“, моделот „Cooper S“ ќе чини од 18.650 фунти (22.200 евра).

minici9

Какви се вашите први впечатоци од новиот „MINI“?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП