ПочетнаТЕХНОЛОГИЈАПрвиот телефон со батерија од 10.000 mAh доаѓа следната година и нема...

Првиот телефон со батерија од 10.000 mAh доаѓа следната година и нема форма на „цигла“

Според најновите информации од типстерот „Digital Chat Station“, во развој е паметен телефон од средна класа со капацитет на батерија од дури 10.000 mAh, а планирано е да се појави на пазарот во првата половина од 2026-та година.

Доколку овие тврдења се покажат како точни, тоа би бил првиот „мејнстрим“ телефон со капацитет на батерија од пет цифри.

Иако изворот не именуваше конкретен бренд, се претпоставува дека би можел да биде „Realme“, компанија која веќе покажа концепт телефон со батерија од тој капацитет.

Клучот за оваа технологија лежи во сè пошироката употреба на технологијата на силициум-јаглеродна анода. За разлика од стандардните графитни батерии кои можат да достигнат околу 372 mAh на грам, новите батерии теоретски нудат до 4.200 mAh на грам. Ова овозможува значително поголема автономија без потреба од зголемување на физичките димензии на батеријата.

Концептната батерија на „Realme“ користи 10% силициум и достигнува густина на енергија од 887Wh/L, една од највисоките во индустријата. Благодарение на ова, телефоните со огромни батерии повеќе не мора да бидат дебели и гломазни.

Иако сè уште нема официјални најави, сè поголем број прелиминарни информации укажуваат дека таков уред е навистина на пат. Уште поимпресивно е што изворот наведува дека телефонот е дебел само 8,5 mm, што всушност е во согласност со денешните стандардни модели.

Телефони со големи силициум-јаглеродни батерии во тенки куќишта се веќе достапни во Кина, како што е „Honor Power“, кој има батерија од 8000 mAh во тело кое е дебело само 8 mm.

Доколку „Realme“ или друг производител навистина лансира таков телефон на пазарот, тоа би можело да започне нов тренд на уреди кои комбинираат екстремна автономија со елегантен дизајн, објавува „Gizmochina“.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП