ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа на Денар: Домаќинство со една просечна и една минимална плата едвај...

Анализа на Денар: Домаќинство со една просечна и една минимална плата едвај врзуваат крај со крај!

Со галопирачко темпо во континуитет се зголемува вредноста на синдикалната потрошувачка кошничка. Домаќинствата треба во текот на месецот да обезбедат нешто над 65 илјади денари за достоинствено да го поминат месецот. И оваа пресметка е без кредит за стан или кирија за изнајмен стан. На владата сега и текна дека ќе воведува неколку нови методологии за пресметка на трошоците за живот, но од Илинденска засега не кажуваат како да им се помогне на оние на кои им е најпотребно. Денар подготви анализа за состојбата со куповната моќ на граѓаните.

Да се набават основните прехранбени производи во текот на еден месец на едно четири члено семејство му се потребни 23 682 денари. Ова е најновата пресметка на Сојузот на синдикати на Македонија која важи за месец јули годинава. Како втора ставка по висината на трошоците е регистрирано образованието, односно за оваа намена во јули на домаќинствата им биле потребни нешто над седум илјади денари. Сметките за домување се точно 100 евра. По нешто над пет илјади денари се трошоците за набавка на обувки и облека како и за посета на културни манифестации и рекреакција.

Вредноста на синдикалната минимална кошница за месец јули 2025 година изнесува 65 328 денари, споредена со вредноста на синдикалната минималн кошница за месец јуни 2025 год. која изнесува 64 698 денари е зголемена за 630 денари, потврдуваат од Сојузот на синдикати на Македонија. Нивната пресметка вели дека со изнајмен стан од 60 квадрати за месец март потребните средства кои треба да ги имаат домаќинствата изнесуваат 80 703 денари.

„Вредноста на Синдикалната минимална кошница за храната и пијалоци, за оние 63 производи кои ги следи Синдикалната минимална кошница за јули 2025 изнесува 23.682,00 денари спореден со јуни 2025 година (23 167,00 денари) е зголемена за 515,00 денари. Од  податоците на синдикалната минимална кошница  евидентно е дека откако завршија активните владините мерки, вредноста на синдикалната минимална кошница за три месеци е зголемена за 2.637,00 денари односно за 4,20%,  додека кај храната и пијалоците за три месеци има зголемување за 2.202,00 денари односно за 10,25%“, велат од ССМ.

Ваквите податоци за синдикалците се потврда дека платите мора да растат, во спротивно работниците ќе бидат приморани чарето да го бараат во странство или во земјава да работат две работи.

Доколку се погледнат податоците за висината на платите во земјава ќе се забележи дека просечната плата изнесува 45 500 денари. Тоа значи дека за покривање на основните животни трошоци недостасуваат цели 20 илјади денари. Доколку се направи пресметка со минималната плата која изнесува 24 300 денари, во тој случај дупката во семејниот буџет изнесува повеќе од 40 илјади денари или речиси една просечна плата. Оваа пресметка вели дека во семејството каде има двајца вработени кои заработуваат една просечна и една минимална плата едвај врзуваат крај со крај. Со две минимални плати или со една просечна плата и еден невработен во домот живеачката е многу тешка.

Сега властите велат дека ќе измислат нови кошнички, најавија дека ќе креираат пет различни потрошувачки кошнички, наменети за различни типови домаќинства – самци, парови, пензионери, млади и неколкучлени семејства.

Универзитетската професорка Тамара Јованов е со став дека ваквите најави се класичен пример на „млатење празна слама“, при што властите создаваат илузија дека работат нешто суштинско, додека реално продолжуваат процесите на сиромашење. Таа укажува дека без директно решавање на проблемите со високите цени на храната и ниските примања, ваквите пресметки се само „шминка“ за јавноста.

„Небаре тоа ќе ги зголеми примањата на тие групи луѓе или ќе ги намали цените во маркетите!? Или нека ни објаснат како новите кошнички ќе им овозможат на луѓето да се хранат здраво, со три оброка на ден, кога цените ги диктираат картелите, а платите се пониски од егзистенцијалниот минимум? Што, некои групи немаат потреба од здрава и квалитетна исхрана? Едни нека живеат на леб и заби, а други на бифтек и аспарагус? Сѐ ќе се смисли, само да не им се стави крај на кражбата. Народот кој го шиша – и така ги гласаат за трошки, па затоа и трошки му сервираат“, заклучува професорката Јованов.

Сите овие податоци се во време кога владата имаше план да им воведе на немажените и неженетите граѓани од Македонија посебен данок се со цел да ги натера да влезат во брак и да формираат семејство. А како еден од најголемите проблеми на младите луѓе е токму сиромаштијата и нискиот стандард кој се повеќе ги одвраќа младите да го направат тој чекор и да влезат во брачните води.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП