Кога ќе се спомне „инвестиција во недвижности“, речиси по автоматизам сите мисли летаат кон Скопје. Капиталот се слева таму, цените скокаат од ден за ден, а квадратот во Центар веќе звучи како шега за просечен џеб.
Но, ако малку ја помрднеш главата од скопските фасади, ќе видиш дека низ Македонија се кријат места кои се подготвени за експлозија на вредност – само што повеќето сè уште не го гледаат тоа. Или, не сакаат да го видат.
Да прошетаме заедно низ топ петте населени места кои полека, но сигурно се спремаат за поинакво утре.
Тетово – град што веќе се буди
Тетово одамна не е само град на грав и јаболка. Со инвестициите во образованието и новите деловни зони, градот добива еден свеж пулс.
Цените на становите пораснаа солидно во последните години, но експертите велат дека тоа е само почеток.
Зошто? Младите не сакаат повеќе да одат за Германија, сакаат свој бизнис, своја канцеларија, свое мало кафуле.
И токму Тетово станува таа сцена каде што сè повеќе пари остануваат дома.
Охрид – секогаш зелен билет
Охрид, ете, не можеш да го изоставиш. Некои велат дека пазарот таму е пренадуван, ама ако реално погледнеш, туристите не престануваат да доаѓаат, а ни дијаспората не престанува да купува.
Посебно сега, кога регистрите за издавање конечно почнаа да се средуваат и нештата да стануваат „побели“. И да, викендичка со поглед на езеро ќе биде скапоцена и за 10 години.
Прашање е само дали ти ќе имаш тогаш да ја купиш.
Штип – текстилот полека се претвора во IT
Може некогаш да важеше за „град на мајсторките“, ама денес Штип е поинтересен за млад ИТ-инвеститор отколку за увозник на шивачки машини.
Со факултетот, студентите и појавата на стартапи, цените на становите веќе мрднаа нагоре.
Но, има уште простор за раст. Ако размислуваш долгорочно, стан во Штип може да биде твојата скриена карта. Или, како што би рекле некои „џокер во ракав“.
Гевгелија – казиното само почеток
Гевгелија одамна ја нарекуваат македонски Монте Карло, ама немој да мислите дека се врти само околу рулет и блек џек.
Со близината до Грција, новите хотели и ресторани, како и шопинг-туризмот, Гевгелија станува точка каде што квадратот може многу брзо да се „запали“.
Замисли си само – викенд, пазарување во Солун, враќање на ручек во Гевгелија… и потоа уште ноќевање во твојот апартман. Звучи добро, нели?
Кавадарци – кога виното го движи пазарот
Малку кој го става Кавадарци на мапата за недвижности. Ама погледни ги винариите, фестивалите, странските инвестиции во лозарството.
Тоа не е само хоби за богаташи – тоа значи работа, значи луѓе кои доаѓаат, трошат пари и сакаат да живеат тука.
Земи мал плац денес, а утре можеби ќе се смешкаш кога некој ќе моли да му го продадеш по тројно повисока цена.
Б.З.М.



