Мерки ќе има, какви ќе се знае до крајoт на овој месец. Ова е заклучокот кој вчера го договориле премиерот Христијан Мицкоски и министерот за економија Бесар Дурмиши. Информациите до кои дојде Денар се дека во текот на попладневните часови се остварила кратка средба помеѓу нив и кои мерки конкретно ќе бидат на сила во периодот што следи ќе се знае по долгоочекуваната анализа која се прави во Државниот пазарен инспекторат и во посебно оделение во ресорното министерство.
Ограничени маржи е мерката која би стапила на сила во текот на следниот месец доколку анализата на институциите утврди дека во последниве месеци ланецот на трговија врши нефер трговски практики. Владините претставници одговорни за економските политики се на став дека инфлацијата засега не е на вознемирувачко ниво, па затоа и не се брза со краткорочни мерки. Секако, велат дека санкции ќе има за сите кои постапуваат спротивно правилата за игра, а мерки ќе бидат воведени доколку се утврди неетичко постапување од поголема група на инволвирани во овој дел од економијата.
Синдикатот во име на работниците континуирано бара државна интервенција во ценовното работење на трговците со образложение дека живеачката од месец во месец станува се поскапа. Две минимални плати не може да ја пшокријат минималната синдикална кошничка па затоа од ССМ апелираат да се воведат мерки кои ќе ја зачуваат и тоа како кревката куповна моќ на илјадници домаќинства. Едно четиричлено семејство да го протурка месецот треба да обезбеди речиси 65 илјади денари, или за 800 денари повеќе за еден месец. Ова се последните податоци за месец јуни.
„Пресметките на ССМ покажуваат дека за храна и пијалоци во јуни на едно семејство му биле потребни 23.167 денари. Податоците велат дека откако завршија активните владини мерки, вредноста на синдикалната минимална кошница за два месеци е зголемена за 2.007 денари, додека кај храната и пијалоците за два месеци има зголемување за 1.678 денари“, велат од ССМ.
Од друга страна економистите велат дека пазарот треба сам да ги одредува цените, а државата да не се меша во формирањето на цените. Пазарната економија значи дека компаниите имаат право да си одлучуваат по која цена ќе ги продаваат своите производи а потрошувачите да проценат дали сакаат и можат тоа да го купат и да си го дозволат.
И.П



