Германскиот автомобилски гигант „Фолксваген“ објави мало зголемување на продажбата во вториот квартал, со поголеми испораки на возила во Кина и остар пад на северноамериканскиот пазар.
Групацијата „Фолксваген“ им испорача вкупно 2,27 милиони возила на клиентите во периодот од април до јуни, што е за 1,2 проценти повеќе во однос на истиот период минатата година.
Испораките во Кина се зголемија за 2,8 проценти, приближувајќи се до нивото од 680.000 возила.
Сепак, продажбата на северноамериканскиот пазар падна за 16,2 проценти, со нешто повеќе од 224.000 испорачани возила.
Испораките во Западна Европа се намалија за 0,7 проценти, додека на пазарите во Централна и Источна Европа се зголемија за дури 9,1 процент.
Германската компанија се обидува да постигне договор со Белата куќа за ублажување на влијанието на царините врз увезените автомобили и автоделови со стапка од 25 проценти.
Светла точка беше продажбата на електрични автомобили, која скокна за 38 проценти во споредба со вториот квартал од минатата година, со нешто повеќе од 248.000 испорачани автомобили.
Речиси 190.000 возила беа испорачани до клиенти во Европа, дури 73 проценти повеќе отколку во истиот период минатата година.