Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во „Тема на денот“ во Дневникот на Сител Телевизија истакна дека нема да има данок за неженети и немажени, туку целта е да има дебата, да се крене свесноста и додаде дека Владата ќе има мотивирачки мерки и субвенции, мора да се работи за наталитетот, затоа што Македонија тивко умира.
„Желбата беше да се крене свесноста за овој проблем кој е сериозен и се стреми да стане катаклизмичен за иднината на државата и нацијата. Има голема дебата насекаде во светот за демографијата и не би можел да се сложам дека даночни олеснувања се решение, напротив, има случаи кои во суштина се такви кои и покрај големи фискални олеснувања не вродиле со плод. Споменав еден пример тоа е Јужна Кореја, тие за околу 15 години според различни извори имаат потрошено помеѓу 200 и 270 милијарди долари, за да стимулираат фертилитет и наталитет, но денес имаат најнизок и тоа е 0,75 по мајка или во главниот град Сеул тоа е 0,5.“, посочи премиерот Мицкоски.

