Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека нашол купувач за апликацијата ТикТок, кои ги опиша како група „многу богати луѓе“, чиј идентитет ќе го открие за околу две недели.
Во интервју за Fox News во неделата, Трамп рече дека договорот што моментално се развива веројатно ќе бара одобрение од Кина за да продолжи, но изрази увереност дека кинескиот претседател Си Џинпинг веројатно ќе го дозволи тоа, објави Ројтерс.
Порано овој месец, Трамп го продолжи рокот од 17 септември за кинескиот ByteDance да ги продаде американските средства на ТикТок, иако законот бара апликацијата да биде продадена или затворена ако нема значителен напредок во тој процес.
Во текот на пролетта, беше подготвен договор со кој американските операции на TikTok ќе бидат одвоени во нова компанија со седиште во САД, во мнозинска сопственост на американски инвеститори. Сепак, тој план беше ставен на чекање кога Кина сигнализираше дека нема да го одобри, откако Трамп објави високи царини за кинеските стоки.
„Имаме купувач за TikTok, патем. Мислам дека веројатно ќе биде потребно одобрение од Кина. Верувам дека претседателот Си ќе го одобри“, рече Трамп.
Законот од 2024 година бараше од TikTok да престане со работа во САД до 19 јануари, освен ако ByteDance не ја заврши продажбата на средствата на апликацијата во САД или не покаже значителен напредок кон продажба. Трамп, кој верува дека TikTok му помогнал да добие поддршка кај младите гласачи на претседателските избори во ноември, веќе три пати го продолжи споменатиот рок за продажба.