Кинеската компанија за финансиски технологии „Ant Group“ соопшти дека ги зголемила своите инвестиции во истражување и развој четири последователни години од 2021-ва година, достигнувајќи рекордни 23,45 милијарди јуани (3,26 милијарди долари) во 2024-та година.
Компанијата ја откри веста во својот извештај за одржливост за минатата година.
Во меѓувреме, „Ant Group“ неодамна ја лансираше својата апликација за здравствена заштита со вештачка интелигенција (AI) наречена „AQ“. Целта е да се забрза влезот на компанијата во здравствениот сектор.
Апликацијата им помага на корисниците да управуваат со своите дневни здравствени потреби со над 100 услуги управувани од AI, вклучувајќи препораки од лекари, анализа на медицински извештаи и персонализирани медицински совети. Исто така, ги поврзува корисниците со дигитални услуги од повеќе од 5.000 болници и речиси 1 милион лекари низ цела Кина.
До околу 2035-та година, повеќе од 400 милиони луѓе, или повеќе од 30% од населението на Кина, ќе бидат на возраст од 60 години и повеќе, според прогнозата на Националната здравствена комисија на Кина, цитирана од АФП. Се очекува оваа демографска промена значително да ја зголеми побарувачката за здравствени услуги во земјата.
Апликацијата „AQ“ е поддржана од големиот јазичен модел на „Ant Group“, кој се базира на повеќе од една деценија искуство во здравствениот сектор.
Компанијата објави дека може да ја понуди својата услуга во странство со лиценцирање на трети страни. „Ant Group“ сè уште не откри кога планира да го стори тоа или на кои пазари.