Инфлацијата никако да запре. Најновите податоци велат дека во јуни годинава на едно четири члено семејство да го протурка месецот му се потребни најмалку 64 698 денари. Во споредба со мај трошоцита на живот се зголемени за точно 790 денари. Само за храна синдикалците пресметале дека се неопходни 23 илјади денари.
Вредноста на синдикалната минимална кошница за месец јуни 2025 година изнесува 64 698,00 денари, споредена со вредноста на синдикалната минимална кошница за месец мај 2025 год. која изнесува 63 908,00 денари е зголемена за 790,00 денари. Со изнајмен стан од 60 квадрати за месец март изнесува 80 073,00 денари.
„Кај храната и пијалоци во Синдикалната минимална кошница кој за јуни 2025 изнесува 23.167,00 денари спореден со мај 2025 година (22 434,00 денари) е зголемена за 733,00 денари. Имајќи ги во превид горенаведените податоци евидентно е дека откако завршија активните владини мерки, вредноста на синдикалната минимална кошница за два месеци е зголемена за 2.007,00 денари, додека кај храната и пијалоците за два месеци има зголемување за 1.678,00 денари“, се наведува во објавата на ССМ.
Анализата на синдикатите покажува дека по трошоците за храна кои надминуваат 23 илјади денари, следуваат оние за подмирување на режиските трошоци кои влегуваат со речиси 10 отсто во структурата, односно за станарина, греење, за сметките за струја и за вода се потребни најмалку 100 евра. Трошоците за образование во јуни веќе достигнаа седум илјади денари. По пет илјади денари пресметката вели дека се потребни на едно четири члено семејство за набавка на облека и обувки но истата сума е потребна и за рекреација и посета на културни манифестации. За трошоците за транспорт, јавен превоз на семејството им е потребно 4 700 денари. Три и пол илади денари се потребни за трошоците за комуникации. Ресторанските услуги пак на месечно ниво надминаа четири илјади денари. За осносвните здравствени услуги или само за партиципација на семејството е потребно илјада денари.
Јавноста почна да стравува од нов бран на поскапувања, за една недела веќе се случија две зголемувања на цените на дизелот. Освен од внатрешни влијанија притисокот е се поголем и од надворешните, односно војната помеѓу Израел и Иран. Дека се очекуваат поскапувања и во иднина потврда даде и информацијата од владата кои од 2,2 отсто тенденцијата за нивото на инфлација ја зголемуваат на 2,8 отсто. И Народната банка очекува зголемување на инфлацијата до крајот на годинава и тоа до три отсто. Сега на ред се властите, да видиме какви мерки ќе превземат за одбрана од нов ценовен шок.
И.П