20 јуни, 2025
ПочетнаКОМПАНИИGoogle пред пораз во судскиот процес во Луксембург

Google пред пораз во судскиот процес во Луксембург

Google се соочува со потенцијален пораз откако правен советник на највисокиот суд на Европската унија застана на страната на европските антимонополски регулатори во спорот околу рекордната казна од 4,34 милијарди евра (4,98 милијарди долари) што компанијата ја доби пред седум години.

Во 2018 година, Европската комисија пресуди дека Google го злоупотребил својот оперативен систем Андроид за да спречи конкуренција. Во 2022 година, понизок суд ја потврди таа одлука, но ја намали казната на 4,1 милијарди евра, што го натера Google да поднесе жалба до највисокиот суд на ЕУ, објави Ројтерс.

Во необврзувачко мислење, Јулијана Кокот, генерален адвокат на Судот на правдата на ЕУ во Луксембург, препорача судот да ја отфрли жалбата на Google и да ја потврди намалената казна претходно изречена од понискиот суд. „Правните аргументи презентирани од Google се неефикасни“, изјави Кокот. Таа го отфрли тврдењето на „Google“ дека регулаторите требало да го споредат со конкурент со слична ефикасност.

„Во овој случај, не е реално да се споредува ситуацијата на Google со хипотетички подеднакво ефикасен конкурент. Google имаше доминантна позиција на неколку пазари во рамките на екосистемот на Android и имаше корист од мрежните ефекти што им овозможуваа на корисниците да го користат пребарувањето на Google“, изјави Кокот.

Иако мислењето на советникот не е обврзувачко, судиите ги следат ваквите препораки во околу 80 проценти од случаите, а конечната пресуда се очекува во наредните месеци.

Европските регулатори заклучија дека Google се занимавал со нелегални практики од 2011 година, барајќи од производителите на телефони претходно да го инсталираат Google Search и прелистувачот Chrome заедно со Google Play Store, плаќајќи им на производителите да инсталираат само Google Search и забранувајќи им да користат конкурентски верзии на Android.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП

NEWSLETTER

Добивајте вести на e-mail

Бидете во тек со најновите вести од Денар