Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и претседателот Исак Херцог се огласија откако иранска ракета ја погоди болницата Сорока во Бершеба. Израел тврди дека станува збор за целен напад врз цивилното население.
„Иранските терористички тирани утрово испукаа ракети врз болницата Сорока во Бершеба и врз цивилното население во центарот на земјата“, рече Нетанјаху преку социјалната мрежа X.
„Тираните во Техеран ќе ја платат целата цена“, додаде израелскиот премиер.
Израелскиот претседател Исак Херцог, исто така, се огласи за нападот. Во соопштението, тој рече дека меѓу целите на иранските напади се новороденче во инкубатор, мајка покрај креветот, дежурни лекари и постари лица во домови за стари лица.
„Во моменти како овие, да се потсетиме што е навистина во прашање и кои вредности ги браниме“, рече Херцог.
Претходно денес, израелското Министерство за надворешни работи објави дека болницата Сорока била погодена од иранска балистичка ракета. Болницата се наоѓа во градот Бершеба и обезбедува здравствена заштита на припадници на сите заедници – евреи, муслимани, христијани и арапски бедуини, објави министерството.
Израел соопшти дека ќе продолжи да дејствува за да „ги заштити сите свои луѓе, од сите сфери на животот“.
Нападот врз болницата е дел од поширок ирански ракетен напад врз израелска територија, како дел од ескалацијата на конфликтот меѓу двете земји. Според достапните информации, дел од цивилното население се наоѓало во болничкиот реон во времето на нападот. Во нападот беа повредени десетици луѓе.