Растечките цени на кириите за станови, особено во главниот град Скопје, создаваат загриженост и револт кај локалното население кое сѐ потешко ги исполнува финансиските барања за домување.
Според агенциите за недвижности, минималната цена за еднособен стан во централното подрачје од неодамна достигна и надмина 300 евра месечно, тренд кој пред две-три години изгледаше незамислив.
Една од причините што придонесе за ваквиот пораст е приливот на странски работници и студенти, кои во последните две години масовно доаѓаат во земјава.
Оваа група на потрошувачи, особено работници од азиските земји, се покажа како клучен фактор кој влијае врз побарувачката и, со тоа, ги притиска цените нагоре.
Граѓаните на Скопје велат дека ситуацијата станува критична, а за повеќето семејства вакви трошоци се неподносливи.
„За една година мојата кирија се зголеми за речиси 100 евра. Претходно плаќав 250 евра, а сега за ист стан од 40 квадратни метри плаќам 340 евра. Ова е прескапо, но немам избор“, изјави Марија Стефановска, која живее во Центар и работи како медицинска сестра во приватна клиника.
Сопствениците на станови, пак, ова го гледаат како период за заработка. Тие признаваат дека присуството на странски работници им носи сигурност и подобра платежна моќ во однос на домашните закупци.
„Јас мојот стан го изнајмувам на странска ИТ-компанија која во Скопје има повеќе вработени од Индија и од Пакистан. Без проблем прифаќаат повисока цена бидејќи нивните компании ги покриваат трошоците за домување“, објаснува Александар Милески, сопственик на стан во населбата Капиштец.
Економистите и експертите за недвижности посочуваат дека трендот нема наскоро да се промени.
„Додека има силен прилив на странски работници и самовработени професионалци, кириите ќе бидат високи. Скопје, а и другите поголеми градови ќе мора да се прилагодат на оваа нова реалност. Локалните жители ќе мора да се снаоѓаат со поголеми цени или да се преселат на периферијата, каде што кириите сè уште се подостапни“, вели Марко Николов, експерт за недвижнини.
Во меѓувреме, многумина граѓани размислуваат за преселба во помалите населби, иако ова значи дополнителен трошок и време за транспорт до работа.
Засега, трајно решение за ваквиот раст на цените не се наѕира, додека побарувачката од странските работници продолжува да расте, а пазарот на недвижности останува предизвик за локалните жители.
Б.З.М.