Најава од Брисел, шок во Македонија. Цигарите, без кои за многумина денот не може да започне, наскоро би можеле да поскапат за 20 отсто.
Доколку предлогот на Европската комисија за зголемување на даноците на тутунот биде усвоен и се примени и кај нас, цената на кутија цигари од 180 денари би скокнала на 216 денари.
Мерката, како што се посочува, има за цел да го намали бројот на заболувања од рак и да го олесни товарот врз здравствениот систем, но на терен – граѓаните реагираат бурно.
„Нека го зголемат, ќе се снајдеме. Ќе пушиме помалку или ќе најдеме поевтини алтернативи,“ вели Сашо (41), таксист од Аеродром кој пуши по две кутии дневно. „Јас одамна размислувам да ги оставам, ама ова ќе биде последниот обид“.
Сличен став дели и Ленче, келнерка во кафуле во Центар:
„Нас ни ги качуваат цигарите, а никој не зборува за стресот што го живееме секој ден. Јас не пушам за луксуз, туку за нерви“.
Но, не сите реагираат со отпор. Снеже, мајка на две деца од Ѓорче Петров, смета дека ова можеби ќе донесе и нешто добро:
„Јас и сопругот пушиме. Ако навистина поскапат, можеби конечно ќе ги оставиме. Ќе заштедиме и ќе живееме поздраво“.
Здравствените власти со поддршка, но и со резерва
Од Министерството за здравство неофицијално велат дека се во координација со европските институции, но конечната одлука ќе зависи и од финансиските последици врз буџетот.
„Зголемувањето на акцизите може да има здравствени придобивки, но и социјални последици. Во Македонија има над 600.000 активни пушачи. Не е реално сите веднаш да се откажат, но и мали намалувања во потрошувачката се добредојдени“, брифираат здравствените власти.
Тесен простор за маневри
Сопствениците на трафики и маркети, пак, стравуваат дека повисоките цени ќе донесат пад на продажбата и ќе ја отворат вратата за илегалната трговија.
„Ќе се зголеми сивиот пазар. Тоа е сигурно“, вели Газменд, сопственик на трафика во Чаир. „И сега доаѓаат луѓе со штеки од Косово или од Србија. Ако кај нас скокне цената, ќе купуваат надвор и ќе шверцуваат“.
Исто предупредување доаѓа и од економистите:
„Зголемувањето на даноците мора да се спроведе паралелно со контрола на границите. Инаку ќе имаме само поголем црн пазар и изгубен приход во буџетот“.
Навика, болка или луксуз?
Според истражувањата на Светската здравствена организација, Македонија е меѓу водечките земји во Европа по бројот на пушачи по глава на жител.
Пушењето не е само навика, туку и длабоко вкоренет дел од социјалниот живот.
Наутро со кафе, на пауза на работа, по ручек, на свадби, на погреби – цигарата е присутна.
„Јас работев во Германија. Таму цигарите се скапи, ама и платите се десет пати повисоки. Кај нас е обратно – ниту парите ги имаме, ниту ќе нѐ остават на раат“, раскажува Љупчо (54), градежен работник од Кисела Вода.
Од друга страна, некои ја гледаат шансата за нов почеток.
„Пробав со лепенки, со гуми за џвакање, со електронски, ништо не држи. Ама ако се качат на 200 и кусур, ќе ми стане луксуз. Тогаш ќе морам да изберам: храна или цигара. Веројатно ќе изберам да јадам“, вели со смеа Јована (33) од Карпош.
Б.З.М.