Во време кога многумина бараат дополнителни приходи, сезонските работи во соседна Србија, особено на плантажите со овошје, нудат привлечна можност за заработка.
Иако дневниците се повеќе од пристојни, сместувањето и храната обезбедени, сепак сопствениците мака мачат да најдат работници кои би биле подготвени да работат на берба.
Поради недостиг на домашна работна сила, српските овоштари во регионите околу Бајина Башта, Ваљево, Шабац и Ариље интензивно бараат сезонски работници од соседните земји, вклучувајќи ја и Македонија.
Иако на социјалните мрежи речиси секој ден се појавуваат десетици огласи за работа, потрагата е и понатаму тешка.
Славиша Јанковиќ, сопственик на плантажа од Ариље со два хектари малини, ја опишува ситуацијата како многу тешка година.
„Бербата на малини започнува во најтоплите месеци од годината, од крајот на јуни па сè до крајот на јули. Најголем проблем е да најдеме доволно работници кои би можеле да работат под отворено небо. Ние нудиме дневница од 5.000 српски динари, плус обезбедено сместување и три оброци дневно, но дури и тоа не е доволно за да привлечеме доволно работници“, вели Јанковиќ.
Тој посочува дека на работниците им е потребна физичка кондиција, бидејќи за дневницата која ја нуди, треба да се наберат околу 50 килограми малини на ден.
„Луѓето доаѓаат, некои пробуваат еден ден и потоа си заминуваат. Младите веќе не се заинтересирани за ваков тип на работа, додека постарите генерации немаат веќе енергија“, додава Јанковиќ.
Со сличен проблем се соочува и Наташа Петровиќ од близината на Шабац, која вели дека морала дури да ги зголеми дневниците и да понуди подобри услови за сместување и исхрана, но и понатаму бројот на пријавени работници е низок.
„Работното време е од шест наутро до седум навечер, но правиме три паузи од по половина час до еден час. И покрај тоа, тешко наоѓаме работници. Често имаме жени, бидејќи мажите обично се одлучуваат за градежништвото или за фабриките каде што работата е физички помалку напорна“, вели Петровиќ.
Од друга страна, работниците кои ги прифаќаат овие сезонски задачи велат дека заработката е солидна и дека може добро да се заштеди.
„Минатата година работев во Ариље еден месец и заработив доволно за да си го покријам зимскиот период. Доколку си вреден и дисциплиниран, може да се заработи многу добро“, вели Ленче Георгиевска, Македонка која втора година по ред работи на берба на малини во Србија.
Овоштарите нагласуваат дека заинтересираните треба да бидат подготвени за физички напорна работа, но ветуваат дека добрата заработка и пристојните услови ги надоместуваат тешкотиите од секојдневието на полето.
Б.З.М.