13 јуни, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија и Бугарија во трка - кој побавно ќе ја изгради пругата?

Македонија и Бугарија во трка – кој побавно ќе ја изгради пругата?

Пругата на Коридорот 8, еден од најзначајните транспортни коридори за регионот, повторно е во фокусот на бугарско-македонските односи.

Додека Бугарија ги зголемува притисоците кон Македонија да ја интензивира изградбата на својот дел од железничката пруга, анализите покажуваат дека и самата не ги реализира своите обврски на тој план.

На форумот организиран од Бугарската стопанска комора во Ќустендил, претставници од бугарските транспортни власти укажаа дека Македонија мора да се посвети на изградбата на Коридорот 8 и дека наводно не ги вложува потребните напори.

Во реалноста, Македонија континуирано работи на модернизација на својата железничка инфраструктура кон бугарската граница, иако со побавно темпо од посакуваното.

Меѓутоа, бугарската страна и самата значително доцни во сопствените инфраструктурни зафати. Железничката линија Софија – Перник – Радомир, иако електрифицирана, сè уште не е целосно модернизирана, а за делницата Радомир – Ќустендил – Ѓуешево дури и не е отворена сериозна дискусија. Пругата е стара, со возови што се движат со максимална брзина од само 30 километри на час, што јасно ја демонстрира потребата од итна интервенција.

Иван Стојков, бугарски експерт за транспорт, изјави дека „пред да бараме од Северна Македонија да ја забрза изградбата на својот дел, мораме прво да си ги решиме нашите инфраструктурни проблеми. Двете земји мора да бидат еднакво ангажирани ако сакаме овој коридор навистина да биде функционален“.

Од друга страна, во Македонија веќе се преземаат конкретни чекори за други важни инфраструктурни проекти. Министерството за транспорт и врски неодамна го стави на дневен ред проектот за брза пруга на Коридорот 10, која треба да ја поврзе земјата од Гевгелија до Табановце.

Според најавите од ресорниот министер, иницијалната документација веќе е подготвена, а финансирањето ќе се бара од меѓународни финансиски институции, со цел пругата да стане една од клучните транспортни артерии за Македонија.

„Реализацијата на овој проект ќе донесе значителен економски бенефит. Проценките покажуваат дека само од транзит ќе можеме да генерираме приходи меѓу 100 и 120 милиони евра годишно“, велат експертите.

Покрај економските придобивки, завршувањето на пругата на Коридорот 8 ќе биде важен чекор кон подобрување на регионалната поврзаност, иако тоа во голема мера зависи од подеднаквиот ангажман на сите инволвирани држави, кои засега остануваат заробени во спората динамика на меѓусебни барања и недоволна реализација.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП