И ова лето, балканските туристи повторно се соочуваат со истото прашање: каде на море?
Според последните анализи на туристичките понуди, Хрватска останува убедливо најскапа дестинација на Јадранот, додека Албанија е најприфатлива за просечниот џеб, а Црна Гора се позиционира како златна средина.
Хрватска: Луксуз по европски цени
Хрватското крајбрежје, иако прекрасно и богато со туристичка понуда, и годинава е недостижно за многу семејства со просечни примања.
Летување во Ровињ, еден од најпознатите градови на Истра, може да чини и до 27.000 евра за една недела во луксузна вила.
Дури и апартманско сместување ретко се наоѓа под 250 евра за ноќевање. На островот Хвар, цените се уште повисоки – престој во некои луксузни објекти достигнува и до неверојатни 40.998 евра за седум дена.
Во Макарска, каде што традиционално летуваат многу туристи од регионот, вилите се изнајмуваат по цени меѓу 4.000 и 5.000 евра за недела, додека поевтини опции – како апартмани или студија – се движат од 260 до 700 евра.
Туристичките работници во Хрватска велат дека големиот притисок на странските туристи, како и поскапувањата во хотелскиот сектор, придонесуваат за високите цени.
Црна Гора: достапност за сите буџети
Во споредба со Хрватска, Црна Гора нуди значително попристапно сместување, што ја прави атрактивна за семејства, парови и за млади луѓе.
Во Херцег Нови, апартмани за две лица може да се изнајмат за околу 220 евра за седум дена. Луксузните хотели, пак, достигнуваат до 1.587 евра за седмичен престој.
Будва, како најпозната црногорска дестинација, има широк спектар на понуди – од само 180 евра за седум дена во скромен апартман, до дури 16.380 евра за престој во ексклузивен резорт со поглед на морето и приватна плажа. Цените варираат значително, што овозможува избор за сечиј џеб.
Сместувањето низ помалите градови како Улцињ или Сутоморе е уште подостапно. Таму е можно да се пронајдат апартмани по 30 до 50 евра од вечер, со можност за попусти при резервации од повеќе ноќи.
Локалните угостители велат дека растечката конкуренција и очекувањата на гостите влијаат врз стабилизирањето на цените.
Албанија: најевтина, но сè попопуларна
Албанија изминатите години стана вистински хит меѓу туристите од регионот. Во Драч, на пример, може да се најде сместување по цена од 24 евра по лице, вклучително со појадок. Дури и во најскапите хотели, цената ретко надминува 120 евра за ноќевање.
Слични се цените и во Валона – популарна дестинација со пристап до ионското и јадранското море, каде што едно ноќевање со појадок чини околу 26 евра.
Најатрактивната зона, јужниот брег – Саранда и Ксамил, нуди хотелско сместување со три ѕвездички по цени од 30 до 50 евра, што е значително пониско од слични места во Хрватска и Црна Гора.
Туристите ја фалат Албанија не само поради цените, туку и заради љубезноста на домаќините, чистотата на плажите и напредокот во туристичката инфраструктура. Многумина велат дека земјата е „скриен бисер на Јадранот“ кој сè уште не е презаситен од масовниот туризам.
Б.З.М.