Во време кога трошоците за живот секојдневно растат, а платите не ги следат истите чекори, сè повеќе македонски семејства се соочуваат со финансиски предизвици.
Од високите сметки за струја, преку поскапени прехранбени производи, до зголемени камати на кредити – економската реалност бара сериозна дисциплина и паметно управување со личните финансии.
„Мора да се пресметува секој денар. Порано купував по два-три производи повеќе од потребното, денес не можам да си дозволам ни едно непланирано трошење“, вели Марија Десподовска од Велес.
Таа е една од многуте кои ги менуваат своите навики за да преживеат месецот без да западнат во долгови.
Планирање и буџетирање – првиот чекор до стабилност
Клучната алатка за справување со високите трошоци е водењето детална евиденција на приходите и расходите.
Според финансискиот аналитичар Бојан Краљев, кој веќе две децении работи со граѓани и мали бизниси, „буџетот не е рестрикција, туку алатка за контрола и слобода“.
Тој советува поставување месечен лимит по категории – храна, сметки, гориво, уживање – и строго придржување до него.
Штедење, дури и во најтешките месеци
Иако звучи тешко, дури и минимално штедење може да направи разлика.
„Не мора тоа да биде голема сума. Ако секој ден одвоите по 50 денари, на крајот на месецот ќе имате над 1.500 денари на страна“, вели Драган, вработен во текстилна фабрика во Штип.
Тој веќе две години практикува таканаречено микроштедење – оставање ситни пари во тегла секојпат кога ќе плати со готовина.
Инвестирање со мала сума – мисија можно
Во услови на инфлација, штедењето под душек е речиси еднакво на губење пари.
Економистите велат дека и со мали суми може да се инвестира паметно.
„Дигиталните платформи нудат пристап до инвестиции со само неколку илјади денари. Најчесто тоа се инвестициски фондови, обврзници или дури и делови од акции. Не мора човек да биде експерт – важно е да не се стои во место“.
Намалување на импулсивното трошење
Еден од најголемите „непријатели“ на штедењето се ненадејните и непотребни купувања.
„Пред да купите нешто, прашајте се: дали ми треба, дали можам без тоа, и дали можам да го набавам поевтино?“ – ова е златното правило што го споделува Гордана Наковска, пензионерка која секој месец го поминува со 18.000 денари пензија.
Во време на финансиска стега, креативноста може да биде сојузник. Размена на облека, поправка наместо купување ново, користење апликации за групно пазарување или замена на услуги со пријатели – сè се тоа алтернативи кои го штитат домашниот буџет.
Б.З.М.