Во време на инфлација и сè повисоки животни трошоци, дури и љубовта мора да се прилагоди на реалноста.
Но дали е можно да се оди на прв состанок без да се потроши многу, а сепак да се остави впечаток?
Одговорот е – апсолутно, да. Дури и повеќе од тоа: креативноста и вниманието денес тежат повеќе од платена вечера во скап ресторан.
„На прв состанок не сакам да бидам фасцинирана од сметка, туку од човекот што стои пред мене“, вели Сузана К., 29-годишна наставничка од Скопје. „Повеќе ме воодушевува некој кој ќе ме однесе на прошетка низ градски парк, отколку некој кој резервира место во елитно кафуле без идеја за разговор“.
И навистина – клучот е во доживувањето, а не во ценовникот. Наместо класичната шема кафе – колач – сметка – збогум, сè повеќе млади луѓе се одлучуваат за алтернативни состаноци кои не го оптоваруваат ниту џебот ниту атмосферата. Еве неколку идеи:
Прошетка со идеја
Да, звучи едноставно, но прошетка по кејот на Вардар, низ Кале, или по скриените скопски улички, може да биде вистинска авантура.
Особено ако е придружена со разговор, смеа и мало изненадување – на пример, омилената чоколадна бомбона скриена во џеб.
Културен состанок без влезница
Многу културни настани во Скопје и низ Македонија се бесплатни: изложби, книжевни вечери, јавни проекции на филмови.
Тоа е одлична можност да се покаже интерес и знаење, а и да се зборува на тема подлабока од „како ти помина денот?“
Пикник на зелена локација
Наместо кафе во пластична чаша, зошто да не понесете домашно направени сендвичи и да седнете на тревата во Градски парк?
„Еден дечко ми подготви мини пикник кај езерото во Градски парк. Не потрошил ништо посебно, но сè беше со вкус и стил. Тој состанок ќе го паметам“, вели Ана М., студентка по архитектура.
Прошетка со тематика
Некои избираат да играат „турист во свој град“ – каде секој го води другиот на место поврзано со некое сеќавање или интересна приказна.
Овој тип на состанок не чини ништо, но создава блискост и интимност.
Психологот Сања Љубеновиќ објаснува дека „на прв состанок е поважно да покажете слушање, внимание и искреност, отколку да се трудите да оставите впечаток преку потрошени пари“.
Според неа, малиот буџет може дури и да го елиминира вештачкото однесување – кога парите не се фокусот, автентичноста добива простор.
На крајот на краиштата, ако некој ве цени по тоа колку сте потрошиле, тогаш можеби не е личноста со која вреди да градите нешто.
Првиот состанок не мора да биде гламурозен, но треба да биде вистински. А вистинските нешта, најчесто, се бесплатни.
Б.З.М.