Со доаѓањето на потоплите денови, појавата на змии сѐ почесто станува тема на разговор меѓу граѓаните – не само во селата и планинските предели, туку и во урбаните средини.
Последниве денови, на социјалните мрежи сè повеќе се споделуваат фотографии и видеа од змии забележани во дворови, паркови, па дури и на тротоари и улици во централните делови на неколку македонски градови.
Змиите, кои природно излегуваат од своите засолништа при високи температури, сè почесто бараат храна и засолниште во близина на човечкиот животен простор.
Оваа година, според експертите, нивната појава е забележливо поголема.
„Температурниот раст и зголемената влажност по дождовите создаваат идеални услови за активирање на змиите. Тие не нѐ напаѓаат, но се движат по трага на глувци, инсекти и други помали животни кои ги привлекуваат во нашите дворови и тревници“, објаснуваат биолозите.
Најчесто се среќаваат неотровни видови, како воденката или белоушка, но има случаи кога е регистрирано присуство и на отровни змии како шарката. Особено се изложени на ризик луѓето кои шетаат низ висока трева, необработени земјишта или кои не носат соодветна обувка.
„Ја видов змијата кај детското игралиште во населба Карпош. Не беше многу голема, но доволно за да предизвика паника кај децата. Се јавив во пожарна, дојдоа брзо и ја отстранија“, раскажува Јелена, мајка на две деца од Скопје.
Експертите апелираат на внимателност и соодветно информирање.
„Не убивајте ја змијата веднаш. Ако не ве загрозува, тргнете се и повикајте стручна служба“, велат познавачите.
Советите се јасни: косете ја редовно тревата околу домот, не оставајте остатоци од храна на отворено, проверувајте ја обувката пред да ја обуете ако стоела надвор и избегнувајте шетање низ висока трева без соодветни патики или чизми.
Иако најчесто не се опасни, змиите не треба да се потценуваат. Посебно внимание треба да обрнат градинарите, земјоделците, планинарите и родителите кои ги пуштаат децата да играат на отворено.
Во случај на каснување, итно се препорачува медицинска помош, без обид за самостојно лекување.
Пролетта и летото се сезони на претпазливост – особено кога и влекачи стануваат неочекувани соседи.
Б.З.М.