Актуелната власт се пофали дека успеала да ја дигне македонската економија на самиот врв во Европа. Подобри од нас се само Ирска, Данска и Полска. Како доказ власта го зема растот на Бруто домашниот производ кој во првиот квартал од годинава изнесува 3,4 отсто. Ова го пресмета Државниот завод за статистика. А ваквите позитивни резултати според власта се однесуваат на политиките кои ги спроведува владата во однос на економијата на земјава. Опозицијата пак обвинува дека економијата е на колена и тоа добро го чувствува народот кој живее се потешко.
Од ВМРО ДПМНЕ велат дека во време на зголемени економски предизвици, каде што економијата во еврозоната е или во стагнација или забележува минимален раст, актуелната власт покажува како се подобрува економската состојба и како се развива економијата. Со овој раст на БДП од 3,4 отсто, македонската економија е рангирана на четврто место, веднаш зад Ирска, Данска и Полска, велат од партијата. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ отвори ново поглавје на економски раст, на вреднување на трудот, на поддршка на приватниот сектор, на фер конкуренција, кои сега ги даваат своите резултати, додаваат од партијата.
Од владата сметаат дека овој раст е многу сериозен сигнал дека реформите даваат резултати, имајќи предвид дека станува збор за првиот квартал од годината кој што секогаш е најслаб и најпредизвикувачки.
„Сепак, доколку сакаме до 2030 да бидеме уште повисоко на европската економска скала, мораме: Да го одржуваме просекот којшто ќе биде поголем од 4%, се разбира тоа не зависи само од нашите внатрешни параметри тоа многу зависи и од екстерните фактори, имајќи предвид дека просекот во рамките на ЕУ е 1,4% тогаш можеме да кажеме дека ние сме 2 ипол пати над тој просек, а во еврозоната е 1,2%. Еве неколку податоци коишто можеби ќе бидат интересни. Да речеме Белгија е 1,1%, Германија е 0%, Естонија е 0,1%, Франција 0,6%, Италија е 0,7%, Латвија е 0,3%, Унгарија е 0,4%, Австрија е 0,7%, Романија е 0,5%, Словенија е 0,8%, Словачка е 1%, Финска е 0,8%, соседна Србија во првиот квартал е 2% итн.“, велат од владата.
Опозицијата пак не се согласува со овие податоци и тие се на став дека само Мицкоски убаво живее, реалноста е дека економијата е на колена, а стандардот на граѓаните урнат. Од СДСМ велат дека Мицкоски живее во паралелен свет, целосно отсечен од реалноста во која луѓето во Македонија едвај врзуваат крај со крај, се борат со поскапувања, мизерни плати, празни паричници и празни фрижидери.
„Наводно „добрата економска слика“ која не може да ја продаде Мицкоски е уште една провидна манипулација со кои се обидува да ја замагли катастрофалната реалност во која живеат граѓаните. Постојано зголемување на цените, плати кои стагнираат, стандард кој постојано опаѓа, граѓани со се помалку пари. Тоа е болната реалност во Македонија. Не се исплаќа повратот на ДДВ, субвенциите за земјоделците се намалени и каснат, нема реализација на капитални инвестиции, власта доцни и не може плати да исплати. Кога инфлацијата е 3%, исто колку наводниот раст значи бесмислени се било какви фалби, нема никаков раст. Индустриското производство, еден од клучните индикатори за реалната економија, бележи пад од 0,8% во февруари 2025 во споредба со истиот месец лани. Тоа е јасен сигнал за опаѓање на економската активност“, велат од СДСМ.
Ставот пак на експертите е веќе познат, за граѓаните да почувствуваат било какво подобрување на квалитетот на живот потребен е континуиран раст на БДП од 5 отсто. Периодот што следи ќе биде доволен показател дали македонската економија ќе има сили да достигне таков раст на економијата или и натаму ќе тапка во место со раст кој е околу 3 отсто.
И.П