Студентскиот живот во Македонија често се претставува како најубавиот и најбезгрижниот период во животот, но зад оваа слика стојат бројки кои можат да го натераат секој студент внимателно да размисли за финансиските предизвици.
Најголемиот дел од студентите се концентрирани во Скопје, каде што студирањето бара и значителни трошоци.
Просечната школарина за една академска година на државните универзитети изнесува од 200 до 400 евра, додека на приватните факултети сумата може да се искачи и до 2.000 евра годишно. Ова е само првиот финансиски чекор што треба да го помине секој студент.
Трошоците не застануваат тука. Најголем дел од младите кои не се од Скопје се принудени да бараат сместување. Домовите, иако се најевтина опција, не секогаш обезбедуваат доволно капацитети за сите заинтересирани. Па така, приватното сместување најчесто е неминовност.
„Само за станот, месечно издвојувам околу 180 евра, и тоа затоа што го делам со цимерка. Ако бев сам, трошоците ќе беа речиси двојно поголеми“, вели Бисерка Петровска, студентка на Економскиот факултет во Скопје, која е од Кавадарци.
Храната е уште еден неизбежен дел од студентскиот буџет. Просечен студентски оброк, според искуствата на студентите, чини околу 150 денари.
Кога ќе се земат предвид три оброци дневно, ова значи најмалку 450 денари дневно, односно околу 13.500 денари месечно.
Многумина штедат со готвење дома, но дури и така трошокот за храна ретко паѓа под 7.000 денари месечно.
„Речиси секој ден јадам во студентски мензи или сендвичари, што ми зема по 100-тина денари од оброк. На крајот од месецот, кога ќе соберам, гледам дека на храната оди половина од месечниот буџет што ми го испраќаат моите“, признава Дамјан Николовски, студент на Филозофскиот факултет.
Дополнителните трошоци за учебници, превоз и дружење го зголемуваат месечниот буџет за уште најмалку 50 до 100 евра.
Сумирано, еден студент во Македонија месечно треба да има најмалку 300 евра, ако сака да студира без поголеми грижи.
Ова значи дека една година студирање може да чини и над 3.500 евра, бројка која не е мала за македонските стандарди и често бара дополнителна помош од семејството или хонорарна работа за да се покријат сите трошоци.
Б.З.М.