30 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо Грција се шири нов вид измама, внимателно со мобилните телефони!

Во Грција се шири нов вид измама, внимателно со мобилните телефони!

Летната туристичка сезона и годинава носи нови ризици за македонските туристи во Грција. Покрај веќе вообичаените предупредувања за претпазливост при плаќање со картички или изнајмување на сместување преку интернет, сега се појави и нов тип на измама – нелегалната продажба на eSIM картички преку интернет.

Туристите кои сакаат да обезбедат евтин и брз интернет за време на одморот во соседната земја сѐ повеќе се одлучуваат за купување eSIM картички преку интернет.

Сепак, неодамна откриените сомнителни интернет-страници се сериозен повод за загриженост.

Според информациите, ваквите нелегални сајтови најчесто нудат многу атрактивни, но крајно сомнителни понуди за мобилен интернет по исклучително ниски цени.

Она што најмногу загрижува е што домените на овие веб-страници се регистрирани неодамна – на почетокот на мај годинава, а лицата кои ги регистрирале најчесто се од азиски земји, како што е Виетнам, и немаат никаква врска со Грција или регионот.

Исто така, значителен дел од следбениците на овие „компании“ на социјалните мрежи доаѓаат токму од Виетнам и други земји од Азија, што е јасен показател дека профилите и следбениците најверојатно се купени за да се создаде лажна слика за доверба и популарност.

„Не можеме со сигурност да тврдиме дека овие сајтови се целосно измамнички, но сите околности укажуваат дека станува збор за сомнителни активности. Нашата искрена препорака е туристите да купуваат eSIM картички само од проверени и официјални компании и веб-страници, кои имаат добра репутација и јасна регулаторна рамка“, предупредуваат грчките власти.

Експертите за онлајн безбедност велат дека туристите треба да бидат особено внимателни при онлајн купувањата на услуги кои изгледаат премногу добри за да бидат вистинити.

Во случај на купување од нелегални извори, ризикот не е само финансиски. Купувачите лесно можат да станат жртви на кражба на лични податоци, вклучително и број на картички и други чувствителни информации.

Грчките власти во меѓувреме најавија засилени контроли и предупредија дека освен измами со мобилни услуги, внимателно ќе се следи и почитувањето на сообраќајните прописи.

Туристите кои ги прекршуваат прописите треба да се подготват за високи казни кои ќе мора да ги платат на самото место или при напуштање на земјата.

Пред почетокот на туристичката сезона, препорачливо е секој посетител на Грција да се информира за потенцијалните ризици, да користи исклучиво легални канали за набавка на eSIM и други услуги и строго да ги почитува локалните правила и закони. Само на тој начин одморот ќе биде безбеден, релаксиран и без непријатни изненадувања.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП