Американскиот претседател Доналд Трамп денес го предупреди рускиот претседател Владимир Путин дека „си игра со оган“ со интензивирање на нападите во Украина.
„Она што Владимир Путин не го сфаќа е дека да не бев јас, многу навистина лоши работи веќе ќе ѝ се случеа на Русија, и мислам навистина лоши. Тој си игра со оган“, рече Трамп во објава на платформата за социјални медиуми TruthSocial.
Трамп претходно изјави дека размислува за воведување санкции врз Русија оваа недела или повлекување од разговорите за прекин на огнот во Украина, бидејќи е сè повеќе фрустриран од нападите врз Украина и бавното темпо на мировните преговори, објави „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на неименувани извори.
Весникот наведува дека Трамп верува дека го познава Путин и дека рускиот лидер ќе ја заврши војната како лична услуга кон него, но дека одлуката на Путин да не попушти го влошила мислењето на Трамп за рускиот претседател, особено по телефонскиот повик минатата недела во кој Путин одби да потпише договор за прекин на огнот.
По интензивирањето на нападите со беспилотни летала врз Украина од страна на Русија, вклучително и нападите врз Киев, Трамп остро го критикуваше Путин.
„Отсекогаш сум имал многу добар однос со Владимир Путин, но нешто му се случи. Тој целосно полуде“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.