Еден од најголемите извозници на банани во светот, компанијата Чикита, објави отпуштање на илјадници работници во Панама, по речиси еден месец штрајк на вработените во секторите за одгледување и дистрибуција на банани.
Работниците протестираа против реформата на пензискиот систем и неодамна потпишаниот договор за безбедност меѓу Панама и Соединетите Американски Држави, кој овозможува поголемо американско воено присуство во Панамскиот канал, според германските медиуми.
Од Чикита изјавија дека „неоправданиот прекин“ предизвикал економски загуби од најмалку 75 милиони долари. Според локалните медиуми, околу 4.900 работници без постојан договор во покраината Бокас дел Торо биле отпуштени.
Компанијата вели дека отпуштените работници можат да контактираат со локалните канцеларии за да соберат отпремнина и придружна документација.
Панамскиот претседател Хозе Раул Мулино ја поддржа акцијата на компанијата, нарекувајќи го штрајкот „нелегален“ на прес-конференција, според германските извештаи.
Бананите Chiquita се широко достапни на европскиот пазар, вклучително и Германија, каде што просечниот жител јаде околу 12 килограми банани годишно.
Влијанието на овој штрајк и масовните отпуштања врз глобалната понуда сè уште се проценува, пишува списанието Fenix.