Дојде периодот од годината познат по најмасовниот и најзабавниот настан на тркала, „Вози право, вози здраво“, во организација на Стопанска банка АД – Скопје. И оваа година, по деветти пат, метежот на улиците низ Скопје ќе го прават велосипеди, тротинети, ролерки, бебешки колички, скироли и други еколошки превози средства кои не ја загадуваат животната средина.
Настанот ќе се одржи на 1 јуни од 17 часот, а стартот е од Порта Македонија, од каде ќе се вози низ улиците во центар до Градскиот парк, каде што ќе се организира голема забава со многу музика и лотарија со вредни награди за учесниците. Пријавувањето за деветтото издание на „Вози право, вози здраво“ почнува денеска. Сите што сакаат да се дел од големиот настан треба да се регистрираат на линкот, а стартните бројчиња може да ги подигнат од просториите на Стопанска банка (поранешно i-bank store) на кејот на Вардар, секој ден од 26 мај (понеделник) до 31 мај (сабота) од 10 до 18 часот.

