Сава пензиско друштво одбележува 20 години посветена работа во управувањето со пензиски фондови – две децении стабилност, раст и доверба од граѓаните. Основано во 2005 година, друштвото даде исклучително важен придонес кон развојот на пензискиот систем во Северна Македонија и останува насочено кон обезбедување на финансиската иднина и стабилност за своите членови.
“Во 2005 година храбро зачекоривме како пионери во воведувањето на капитално финансираното пензиско осигурување. Денес, по 20 години, Сава пензиско друштво, дел од Сава осигурителната групација, е лидер со над 40% пазарен удел, над 278.000 членови и средства во износ над 1 милијарда евра – вложени со максимална одговорност, професионалност и грижа за иднината на нашите членови. Постигнатите резултати се темелат на довербата што ни ја укажуваат членовите и професионалноста со која секојдневно им одговараме. Продолжуваме понатаму со јасна визија: да останеме пример за транспарентност, одговорност и грижа – за членовите, за пензискиот систем, за општеството. 20 години не се само бројка, туку силна обврска да продолжиме со истата посветеност. Затоа што кога си во друштво на добри луѓе, иднината е сигурна.” – изјави г-ѓа Снежана Станковиќ, Претседател на Управен одбор на Сава пензиско друштво.
Како прво лиценцирано пензиско друштво во земјата, Сава пензиско друштво одигра клучна улога во воспоставувањето на вториот и третиот пензиски столб, поставувајќи ја основата на современиот пензиски модел во државата. Во изминатите години, друштвото успешно се справува со комплексните економски околности, задржувајќи ги стабилните резултати и долгорочната вредност за своите членови. Покрај управувањето со средства, друштвото активно придонесува за развојот на пензискиот систем и финансиската писменост во земјата. Преку континуирана едукација, транспарентност и редовна комуникација со членовите, Сава пензиско друштво вложува во свеста за важноста на долгорочното штедење и планирање на иднината. Воедно, водено од начелата за делување на етички начин со придонес кон средината, друштвото активно поддржува проекти и иницијативи кои придонесуваат кон развојот на спортот, културата, хуманитарната дејност и образованието во Република Северна Македонија.
Низ годините, Сава пензиско друштво за својата работа доби бројни признанија, меѓу кои националната награда за општествено одговорни практики, како и меѓународните признанија како „Најдобар пензиски фонд – Македонија“ за 2022 и 2023 година од списанието “World Finance“ и наградите од угледното списание “Investment & Pensions Europe“ за “Најдобар пензиски фонд во Централна и Источна Европа, “Најдобар суверен фонд“ и “Најдобар мал пензиски фонд во Европа“.
Одбележувајќи го овој значаен јубилеј, Сава пензиско друштво останува посветено на своите основни вредности и продолжува да работи во интерес на членовите и на општата финансиска и социјална стабилност на државата.