„Booking Holdings“, матичната компанија на туристичките брендови како „Kayak“ и „Priceline“, ја прилагоди својата прогноза за приходите поради зголемената економска неизвесност, објави „Bloomberg“.
Главниот финансиски директор Еут Стинберген им рече на аналитичарите дека „Booking“ ги ревидира своите прогнози за бруто резервации и раст на приходите за целата година на „средно до високо едноцифрени“ при константни девизни курсеви. Ова е промена од растот од „најмалку 8%“ поради она што компанијата го опиша како „зголемена неизвесност“ во макроекономската средина.
Од друга страна, резултатите за претходниот квартал беа генерално во согласност со прогнозите. Резервираните ноќевања за кварталот што заврши на 31-ви март се зголемија на 319 милиони, надминувајќи ги проценките на аналитичарите. Бруто резервациите за патувања, кои вклучуваат даноци и такси, достигнаа 46,7 милијарди долари, во споредба со прогнозата од 46,5 милијарди долари.
Прилагодената заработка по акција изнесуваше 24,81 долари, додека Вол Стрит очекуваше 17,45 долари.
Инвеститорите внимателно ги следат финансиските резултати на компаниите за онлајн патувања оваа сезона за да го проценат расположението на потрошувачите во САД, поради загриженоста за потенцијална рецесија што произлегува од царините на Трамп.
Американските авиокомпании како што се „American Airlines Group“ и „Delta Air Lines“ ги повлекоа своите прогнози за 2025-та година, наведувајќи ја неизвесноста поврзана со трговските политики, додека „Southwest Airlines“ ги намалува своите планови за раст во очекување на послаба побарувачка за домашни патувања за одмор.
Аналитичарот на „Jefferies“, Џон Колантуони рече дека „Booking“ објавија импресивни приходи и профит, но клучниот индикатор за ноќевања беше „неубедлив“.
„Веруваме дека силниот прв квартал беше особено важен со оглед на тоа што пазарот стравува од влошување на побарувачката во текот на целата година“, додава тој.
Извршниот директор Глен Вогел изјави за време на конференцискиот повик со аналитичарите дека компанијата забележала „стабилни нивоа на глобална побарувачка за одмор“ на почетокот на вториот квартал, и покрај растечките геополитички и макроекономски загрижености.
За вториот квартал, компанијата очекува резервациите да пораснат помеѓу 4% и 6%, што е во согласност со прогнозите на „Bloomberg“. Се очекува бруто резервациите и приходите да пораснат за 10-12% во текот на тековниот период.