Дали сега е вистинскиот момент да се инвестира во стан? Или треба да се почека уште неколку месеци, можеби до крајот на годината?
Овие прашања сè почесто ги поставуваат и првокупувачи и искусни инвеститори, особено во услови на зголемена економска неизвесност и постојани флуктуации на цените на недвижностите.
Годината почна со измешани сигнали – цените на становите во Скопје и другите урбани центри се стабилизираа, но каматните стапки сè уште се високи, а понудата не ја следи побарувачката.
Во Скопје, според податоците од агенциите за недвижности, просечната цена по квадратен метар во новоградба се движи од 1.400 до 1.800 евра, во зависност од локацијата.
Централните општини како Центар и Аеродром остануваат најскапи, додека на периферијата, како Ѓорче Петров, Илинден и Кисела Вода, може да се најдат станови по „поприфатливи“ цени – иако и таму порастот е евидентен.
„Ги следиме трендовите и можеме да кажеме дека пазарот во моментов е замрзнат, но не и замрен“, вели Марко Николов, експерт за недвижнини. „Купувачите се претпазливи, банките не се толку флексибилни како претходно, а продавачите не се подготвени драстично да ги намалат цените. Тоа создава еден вид пат-позиција“.
Од друга страна, аналитичарите предупредуваат дека чекањето не секогаш е најпаметната стратегија.
„Инфлацијата и понатаму ја јаде вредноста на парите. Ако имате кеш и чекате идеална цена, ризикувате да изгубите повеќе отколку што би заштедиле. Посебно ако станот го купувате за живеење, а не како шпекулативна инвестиција“, коментираат експертите.
Во 2025 година, клучна улога играат и каматните стапки на хипотекарните кредити. Иако има знаци дека централните банки би можеле да започнат со постепено намалување на каматите, тоа не се очекува пред втората половина на годината.
За многумина, ова е решавачки фактор – и оние што се надеваат на подобри услови одлучуваат да почекаат до есен.
„Јас и сопругот планиравме да купиме стан на почетокот на годинава, но банката ни понуди кредит со 6,2% фиксна камата. Тоа е премногу за нас. Сега чекаме дали до октомври ќе има подобри услови,“ вели Верица Митева Пешовска, вработена во приватна фирма во Скопје.
Дали има „идеално време“ за купување стан? Одговорот е – зависи.
За оние кои купуваат за себе и имаат стабилна финансиска состојба, сегашниот пазар нуди повеќе опции отколку во времето кога побарувачката ги надминуваше сите рекорди.
За инвеститорите, пак, вреди да се следи трендот на цените во текот на летото и есента – бидејќи се можни благо корективни движења, особено ако се намалат каматните стапки или се зголеми понудата преку нови градежни проекти.
Во секој случај, како што велат упатените, купувањето стан не е „тајминг“, туку стратегија – а најдоброто време често не е на пазарот, туку во животот на купувачот.
Б.З.М.