Германскиот канцелар Фридрих Мерц и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, се согласија да соработуваат со цел што поскоро решавање на трговските спорови и завршување на војната во Украина, објави портпаролот на германската влада по нивниот прв телефонски разговор откако Мерц ја презеде функцијата.
Трамп му честиташе на Мерц за преземањето на власта, додека германскиот канцелар нагласи дека Соединетите Американски Држави се уште се „неопходен пријател и партнер на Германија“, 80 години по завршувањето на Втората светска војна.
Лидерите се согласија дека е важно „тесно да соработуваат“ со цел да се стави крај на конфликтот во Украина и ја објавија својата намера да остварат меѓусебни посети на САД и Германија, објави Ројтерс.
Мерц, кој беше критичен кон администрацијата на Трамп дури и за време на изборната кампања, особено поради ставот на САД кон Европа, за време на разговорот ја нагласи потребата од зајакнување на независноста на Европа.
Тој, исто така, ја критикуваше политиката на Трамп за воведување царини, што ѝ штети на извозната индустрија на Германија, и повика на укинување на царините меѓу Европската Унија и САД.
Поради важноста на индустрискиот извоз за нејзината економија, Германија е особено загрижена за последиците од трговската војна што ја иницираше Вашингтон, пишува АФП.
Други детали од разговорот не беа откриени.
Компромис со Лондон
Разговорот се случи откако Трамп во четвртокот го објави првото примирје во неговата глобална трговска офанзива со постигнување компромис со Лондон.
Европската унија се закани дека ќе воведе царини на американски автомобили и авиони доколку не успеат тековните преговори за укинување на царините на Трамп за европски производи.
Брисел објасни дека започнал „јавна консултација“ за долг список на производи произведени во САД кои потенцијално би можеле да бидат погодени од европските царини.