Додека потрагата по работници секојдневно се зголемува, во Македонија и натаму продолжува трендот на намалувањње на бројот на вработени во стопанството. Официјалните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека бројот на вработени на годишно ниво се намалил за над 4 отсто. Работници недостасуваат во речиси сите делови од македонската економија. Загрижува фактот што следува период кога сезонските работници од земјава се селат во туристичките центри во регионот, а во последниве години од Грција и Црна Гора тоа се и Хрватска и Малта.
Во март годинава е намален бројот на работници за 4,3 отсто во однос на истиот месец лани. Ова се податоци кои ги објави Државниот завод за статистика.
Податоците на статистичарите велат дека за 4,5 отсто е намален бројот на работници и кај преработувачката индустрија каде се вработени најмногу граѓани од земјава. Загрижува тоа што пад на бројот на вработени има и во енергетскиот сектор кој важи за еден од најбараните кај граѓаните кога станува збор за ново вработување.
„Бројот на работниците во секторот Рударство и вадење на камен во март 2025 година, во однос на март 2024 година, се намалил за 2.1 %, во секторот Преработувачка индустрија за 4.5 %, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација за 1.8 %. Според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во март 2025 година, во однос на март 2024 година, се намалил кај Енергија за 2.8 %, кај Капитални производи за 7.3 %, Интермедијарни производи, освен енергија за 0.5 % и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 6.1 %, а се зголемил за 13.4 % кај Tрајни производи за широка потрошувачка.“ стои во извештајот на ДЗС.
Што се однесува до невработените граѓани, во моментов во Агенцијата за вработување има 7589 слободни работни места.
Парадоксот е толку голем што податоците на статистичарите велат дека во Македонија има околу 95 илјади граѓани кои се невработени. Стапката на невработеност на крајот на ланската година изнесувала 11,9 отсто. Во моментов во Македонија во редовен работен однос се 700 526 граѓани.
И.П