Македонски Телеком организираше бизнис конференција во Охрид, на којашто присуствуваа повеќе посетители од компаниите и од институционалните корисници од регионот. Целта на овие конференции, коишто се одржуваат во текот на целата година во различни региони во Македонија, е промоција на дигитализацијата и пренесување на искуствата и најдобрите практики за примена на најновите решенија од Телеком.
„Наша задача како технолошки лидер и доверлив деловен партнер е да ја поттикнеме примената на дигитални решенија. Преку овие конференции, остваруваме директен контакт со нашите корисници и ги пренесуваме нашите искуства за тие да извлечат максимална придобивка од нашите решенија – да бидат поконкурентни, а нивните корисници да бидат задоволни. Веруваме дека инвестирањето во дигитализацијата всушност претставува инвестирање во иднината на нашата економија и општество.“ – изјави Марјан Богатиновски, Главен директор за деловни корисници на Македонски Телеком.
На конференцијата, експерти од Македонски Телеком одржаа свои презентации и отворија дискусија за сајбер безбедност, дигитален маркетинг, како и решенија за паметен град, вклучувајќи управување со енергија, вода и јавно осветлување. Посебно внимание предизвикаа решенијата за телемедицина, коишто веќе се користат со извонредни резултати.
Ова е втора конференција на Телеком од ваков вид годинава, по првата одржана во април, во Прилеп.


