Ворен Бафет, најпознатиот инвеститор и човекот кој со право го доби прекарот „Пророкот од Омаха“ затоа што со децении инвестирал на берзата без да направи грешка и на тој начин заработувал милијарди, го објави своето пензионирање.
На вчерашниот состанок на акционерите на неговата компанија „Беркшир Хатавеј“, тој рече дека ќе му го препушти кормилото на својот заменик, Грег Абел. По објавата, Бафет (94) доби громогласен аплауз од публиката.
Патем, за време на состанокот на акционерите, Бафет се сети и на својот пријател и долгогодишен соработник, инвеститорот Чарли Мангер, кој почина минатата година на 99-годишна возраст. Бафет на шега рече дека се обидел да го убеди Мангер, со кого заедно создадоа финансиска империја, да го промени полот, бидејќи жените статистички живеат подолго од мажите. Сепак, тој изјави дека неговиот пријател живеел до многу солидна возраст, со оглед на тоа што е маж.
Бафет се смета за најуспешен инвеститор во историјата. Од позицијата извршен директор, тој ја претвори „Беркшир Хатавеј“, пропадната текстилна фирма, во еден од најголемите инвестициски конгломерати во светот, со пазарна вредност од околу 1,16 трилиони долари.
Денес, „Беркшир Хатавеј“ поседува повеќе од 60 компании, вклучувајќи ја осигурителната компанија „Геико“, производителот на батерии „Дурасел“ и синџирот ресторани „Дери Квин“. Исто така, има значителни сопственички удели во компании како што се „Епл“, „Кока-Кола“, „Бенк оф Америка“ и „Американ Експрес“.
Прочитајте некои од познатите изјави на Ворен Бафет:
- Ако не најдете начин да заработите пари додека спиете, ќе работите до смрт.
- Најдобрата инвестиција е инвестирањето во себе. Колку повеќе учите, толку повеќе заработувате.
- Не трошете го она што останува по заработката, туку трошете го она што останува по штедењето.
- Не мора да бидеме попаметни од другите. Потребно е да бидеме подисциплинирани од другите.
- Ако не можете да ги контролирате вашите емоции, не можете да ги контролирате ниту вашите пари.
- Вистинскиот инвеститор ја поздравува волатилноста (нестабилност на пазарот)… многу флуктуирачкиот пазар значи дека повремено рационално силните компании ќе бидат ирационално потценети.
- Денес некој седи во сенка затоа што засадил дрво одамна.
- Добро е да се учи од своите грешки. Уште подобро е да се учи од грешките на другите луѓе.
- Берзата е дизајнирана да префрла пари од оние кои се активни на оние кои се трпеливи.
- Читајте 500 страници секој ден. Така функционира знаењето. Се акумулира како сложена камата.
- Никогаш не ја проверувајте длабочината на реката со двете нозе.
- Ризикот се јавува кога не знаете што правите.
- Постојат три типа луѓе: 1) Иноватори; 2) Имитатори. 3) Идиоти.
- Ако сакате да летате високо како орел во животот, не можете да се дружите со мисирки.