2 мај, 2025
ПочетнаМАКЕДОНИЈАКражбите на противпожарни црева – тивка катастрофа што чека да се случи

Кражбите на противпожарни црева – тивка катастрофа што чека да се случи

Иако ретко се зборува за тоа, кражбата на противпожарни црева од станбените згради е сериозен и долгогодишен проблем во Скопје.

Секоја година исчезнуваат десетици, ако не и стотици вакви црева, а институциите најчесто остануваат на ниво на „евидентирана пријава“.

Меѓутоа, зад секое украдено противпожарно црево стои зголемен ризик од човечки жртви.

„Некни ни ги украдоа противпожарните црева од зградата. Пријавивме во полиција, ама искрено – ништо не очекувам. Никој не се замара со ова. Иронијата е што сите знаеме дека речиси во ниту една зграда во градов нема останато ни едно црево, ама кога ќе избие пожар – ќе се прашуваме зошто луѓе гинат“, вели еден жител од населбата Кисела Вода, кој инсистираше на анонимност.

Проблемот не е од вчера. Противпожарните црева, кои се задолжителна безбедносна опрема во секоја колективна зграда, сè почесто се цел на крадци – најчесто заради бакарот или месингот во приклучоците, или едноставно за препродажба.

Некои завршуваат на отпад, некои во некој подрум, но заедничкото е едно – кога ќе избие пожар, станарите немаат начин да интервенираат во првите минути, кои се најкритични за спасување животи и за ограничување на штетите.

„Пред три години набавивме нови противпожарни црева и ги монтиравме во сите катови. Се договоривме да бидат заклучени, за да се заштитат. Некој паметен дошол, ги искршил сандачињата, ги зел цревата, а потоа ги вратил искршените вратички на место – за од далеку да не се забележи дека се обиени. Така поминаа месеци додека не сфативме дека во зграда од 10 ката – нема ниту едно црево“, раскажува нашиот соговорник, додавајќи дека и покрај пријавата до полицијата, „нема ни одговор, ни заинтересираност“.

Но, прашањето е што по пријавата? Дали МВР има стратегија за справување со ваквите системски кражби? Дали се следат отпадите каде што ваквите делови завршуваат? И дали некој одговорен во државата е свесен што значи да се изгубат 5 или 10 минути додека пожарната дојде, затоа што станарите немаат црево да се обидат да го смират пламенот?

Пожарникарите со кои разговаравме, исто така предупредуваат – првите 3 до 5 минути од пожар се клучни. Ако некој може да интервенира дури и со црево од зградата – често може да се спречи катастрофа.

„Сме имале случаи каде што пожарот се проширил од еден балкон на цел кат – баш затоа што немало никакво средство за гаснење додека не стигнеме ние. А знаеме колку е тешко да се дојде низ гужви, низ тесни улици, низ згради без пристап“, вели пожарникар од Бригадата на Град Скопје.

Ситуацијата со кражбата на противпожарните црева е симбол за поголема болест – општествена незаинтересираност, институционална немоќ и колективна пасивност. До кога ќе трае ова? Веројатно – до следната трагедија.

И тогаш, повторно ќе се прашуваме: како се случи, зошто никој не реагираше, и зошто цревата беа исчезнати. Одговорот – одамна го знаеме. Само не нè интересира додека не се изгуби нечиј живот.

Дотогаш, изгледа останува да се молиме да не нè снајде.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП