„Можеби“ рускиот претседател Владимир Путин „не сака да ја запре војната“ во Украина и „само ме завлекува“, напиша американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа Truth во саботата, заканувајќи се на Русија со зголемени санкции по средбата со украинскиот претседател во Ватикан.
„Немаше причина Путин да испукува ракети врз цивилни области, градови и села во последните денови. Ова ме наведува да мислам дека можеби не сака да ја запре војната и само се задева со мене, во тој случај треба да направиме нешто друго“, напиша американскиот претседател на својот профил, забележувајќи: „Премногу луѓе умираат!!!“
Доналд Трамп разгледува две опции: рестриктивни мерки врз банкарскиот систем и зајакнување на веќе доста силните санкции воведени претходно против Русија.
Оваа објава на Truth Social дојде откако Трамп разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Ватикан на маргините на погребот на папата Франциск. Како што беше кажано, тоа беше позитивно искуство за двете страни.
Во меѓувреме, Москва во саботата објави дека рускиот претседател на средбата со претставникот на Трамп, Стив Виткоф рекол дека е подготвен да преговара за исходот од конфликтот во Украина „без никакви предуслови“.
„Владимир Путин потврди дека руската страна е подготвена да продолжи да преговара со Украина без никакви предуслови“, рече Дмитриј Песков, според руските новински агенции.
Но, рускиот претседател продолжува да ги повторува своите максималистички барања кога станува збор за Украина: тој сака контрола врз сите пет украински региони што Москва има намера да ги анектира, гаранција дека Украина ќе се откаже од приклучувањето кон НАТО, како и нејзина демилитаризација.