25 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАМногу ветувања, малку реализација – кога ли ќе дојде подобро време за...

Многу ветувања, малку реализација – кога ли ќе дојде подобро време за живот на граѓаните?!

Од ветувања за подобар живот и подобра куповна моќ на граѓаните и по една година од новата влада тоа не се случува. Поради таквите состојби во државата опозицијата е се погласна со обвинувањата дека актуелната власт ги излажа граѓаните кога во предизборието ветуваше дека економијата ќе ја стави во преден план наспроти политиката. Од друга страна, Владата е уверена дека работи во интерес на граѓаните и спроведува политики за подобрување на животниот стандард. Граѓаните се оние кои секогаш се во средина, општата перцепција е дека животот станува се потежок а предизвиците да се протурка месецот со парите кои се заработуваат во Македонија е речиси невозможна мисија.

Помина речиси една година од владеењето на ВМРО ДПМНЕ и не гледаме ништо позитивно, освен лошо и катастрофално водење на државата, каде што граѓаните се ставени на последно место, обвинуваат од СДСМ. Опозиционерите велат дека додека 500 илјади граѓани живеат со 150 денари на ден, владата се луксузира со два тона егзотично овошје и бесцелни патувања низ светот со народни пари. Во однос на животниот стандард на граѓаните, кои едвај врзуваат крај со крај, каде што нема никаква контрола врз цените кои вртоглаво растат, власта не покажува никаква грижа за основните потреби на граѓаните, од кој било аспект. Во однос на трошењето на јавните пари, опозицијата вели дека реализацијата на капиталните инвестиции на локално ниво има поразителен резултат од 3%, што ја покажува неспособноста на власта. Сето тоа прави една анемична слика на состојбата во која живееме, велат од партијата.

„Во април 2024 година кога реализацијата на капиталните инвестиции беше 16% на централно ниво, и бевме критикувани од тогашната опозиција на ВМРО-ДПМНЕ. Реализацијата на најавените средства од унгарскиот кредит во општините е далеку од ветените 250 милиони евра. ВМРО-ДПМНЕ имаше изјави дека секоја година од унгарскиот кредит во општините ќе одат 250 милиони евра. Во 2024 се дадени 80, сега ќе дадат 90 милиони евра. Значи 2024 и 2025 година нема да стаса до 250 милиони евра. Тоа се тие лаги кои ги даваше ВМРО-ДПМНЕ за време на кампањата и после неа, во општините наместо капитални проекти има мали проектчиња“, велат од СДСМ.

Но, со ваквите обвинувања не се согласува владата. Според нив тие работат посветено во остварување на политиките цели и остварување на планираниот економски раст и стабилизирање на инфлацијата. Од Илинденска број два велат дека главен приоритет и фокус на Владата е подобар и поквалитетен живот стандард на граѓаните. За разлика од порано кога граѓаните се делеа од прв и втор ред, оваа Влада се труди да манифестира друг пристап поразличен од минатото. На почетокот на 2026 година очекуваме издавање еврообврзница од најмалку 700 милиони евра, затоа што доспева за враќање претходно издадена еврообврзница на износ од 700 милиони евра. И ваквата постојана комуникација со меѓународните институции е важна да покажеме дека работиме посветено што влијае на висината на каматата. Тоа ќе помогне во давање побрзи услуги кон бизнисот.
 
„Се трудиме да манифестираме поинаков пристап, пристап кој ќе биде многу поразличен од тој во минатото, да не бидеме по принципот „како до сега“. И затоа наш главен приоритет е животниот стандард, односно зголемување на платите на вработените во здравството, образованието и останатите сектори. И последниот податок покажа дека 9,6  проценти споредено со минатата година во месец март се зголемени нето и бруто платата, изјави Мицкоски и додаде дека и ова не е доволно и ќе работат таа бројка да биде уште поголема. Но, тоа не е доволно. Во периодот кој што следи ќе работиме таа бројка да биде уште поголема. Платите на вработените во образованието пораснале за 12 проценти, додека платата во здравството пораснала за 20 проценти“, велат од владата.

Експертската јавност, бизнис секторот и граѓаните пред се очекуваа многу повеќе на економски план од оваа нова гарнитура која владее речиси една година. Ставот на експертите е дека мора посериозно да се обрне внимание на реализација на капиталните инвестиции, бизнисот бара стабилна клима и мерки за подобрување на состојбите во стопанството. За граѓаните е најбитно платите да растат, а цените да се стабилизираат.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП