24 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАДали Македонија може да ја искористи глобалната криза за раст на домашната...

Дали Македонија може да ја искористи глобалната криза за раст на домашната економија?

Овогодинешниот пролетен состанок на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка, кој започна во понеделникот, доаѓа во време на голема глобална геополитичка неизвесност.

Глобалната царинска војна која ескалираше на 2 април со објавувањето на речиси универзални американски царини за целиот свет предизвика, голем негативен шок за глобалниот раст.

Затоа ММФ ги намали проценките за глобалниот раст годинава од 3,3 отсто во јануари на 2,8 отсто, а исто така и во следната година од 3,3 на три отсто.

ММФ посериозно ги сфати заканите од царините на Трамп и ги вброи за да ја намали прогнозата за глобалниот раст. Доминантна причина е неизвесноста што произлегува од царините што САД одлучија да ги воведат. Првата неизвесност е дали овие царини воопшто ќе се случат, а втората е ако се случат, какви ќе бидат ефектите. Објавувањето на царините беше голем шок за светските пазари. Отпрвин тој шок беше позитивен, бидејќи набавките наеднаш скокнаа, пред да стапи на сила царината. Меѓутоа, долгорочно, тарифите би предизвикале негативен шок. Тие би довеле до зголемување на инфлацијата, што би предизвикало реакција од централните банки, што потоа би имало негативен ефект врз економската активност.

Сепак, експертите веруваат дека САД на крајот нема да ги воведат тарифите со кои се закануваат, туку ќе ги искористат за да ги принудат другите земји да преговараат билатерално.

Навистина, ММФ ги направи своите проценки со податоци за 4 април, па не сметаа на подоцнежните одложувања во примената на царините, како и на други отстапувања на Доналд Трамп, американскиот претседател, како што е намалувањето на царините за увоз на електроника од Кина.

Германија е најважниот економски партнер на Македонија и значаен извор на инвестиции. За најголемата економија, моторот на Европа, ММФ предвидува блага рецесија од 0,2 отсто оваа година, наместо претходно планираниот раст од 0,8 отсто. Инаку, за Европа ММФ ја намали прогнозата за годинава од 1,7 на 1,4 отсто.

Сепак, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која престојува во Вашинтон, каде учествува на Пролетните средби на ММФ и Светска банка е оптимист, и очекува дека проектираниот раст на економијата на земјава од 3,7% е реален.

„Оваа криза која дава голема неизвесност ние како држава може многу да ја искористиме, во смисла на префрлање на капацитетите од европските земји. Односно капцитетите во европските земји ќе се затвораат и понатаму, затоа што царините значат повисоки набавни цени и на тој начин европскиот пазар ќе бара алтернативи за отворање капацитети онаму каде што ќе имаат на некој начин поевтина работна сила. Иако во земјава веќе не е евтина работната сила, но е сепак на пониско ниво од европската. Оттука мислам дека проекцијата од 3,7% е реална проекција“, рече министерката за финансии во изјава за македонските медиуми по објавување на Глобалниот извештај на ММФ.  

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП