Во месец февруари во Македонија просечната исплатена нето плата по работник изнесувала нешто над 43 илјади денари. Тоа претставува раст од речиси 10 отсто во споредба со истиот период ланската година. И натаму најплатени работни места се оние од ИТ индустријата, следуваат финансиските дејности, фармацијата. Најслабо платени се вработените во угостителскиот сектор.
Најголем дел од вработените во Македонија добиваат месечна плата која се движи под просекот, и тоа под 40 илјади денари. А тие се дел од угостителскиот сектор, земјоделието, административните дејности, преработувачката индустрија каде што има и најголем број на вработени во државата, трговијата на големо и мало, транспорт и складирање.
Според извештајот на државната статистика најдобро се платени работниците во ИТ секторот. Платите на месечно ниво се движат над 80 илјади денари. Потоа со солидна плата над 1000 евра се дел од вработените во финансиските институции, енергетскиот сектор, и фармацевската индустрија.
„Во февруари 2025 година, во однос на февруари 2024 година, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен е повисока за 9.6 %. Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Дејности во врска со недвижен имот за 16.6 %, Преработувачка индустрија за 11.5 % и за Образование 11.4 %. Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Информации и комуникации за 4.0 %, Дејности во врска со недвижен имот за 3.9 % и Преработувачка индустрија за 2.5 %.“ се наведува во Извештајот на ДЗС
Инаку, неколку месеци синдикатот и властите беа во вистинска спрега на тема раст на минималната плата. Без 500 евра не може да се живее, и натаму дециден е Сојузот на синдикати на Македонија. Власта пак која доби поддршка и од еден од синдикатите дека и со 400 евра се живее не го послуша претставникот на работниците, туку го „обои“ со опозициска боја и во јавноста го прикажа како политичар кој е против владата. Сега се подготвува голем првомајски протест на кој сите незадоволни работници, ќе излезат и јавно ќе им порачаат на властите дека со платите кои ги добиваат не може да преживеат ниту половина месец.
И.П