Синдикалците со последни подготовки за одбележување на денот на работникот Први мај. Не на скара, туку на протест. За повисоки плати, за подобар статус на македонскиот рабоптник, против експлоатацијата на работните места. Од ССМ ги повикуваат сите работници на Први мај да протестираат и да го кренат гласот.
Од ССМ велат дека работничкото движење во Македонија е исправено пред сериозен предизвик поради односот на креаторите на политиките, кои во последните неколку години водат грижа исклучиво за себе и за своите интереси, а не водат грижа за работниците, работничките права и работничките интереси.
„Сведоци сме дека денеска, за креаторите на политиките е најважно да ги зачуваат нивните енормно покачени плати сега веќе за 79%, а од друга страна, дел од работниците во јавниот сектор не добија усогласување на нивните плати со порастот на просечната плата согласно општиот колективен договор за јавниот сектор, не го прифатија барањето на ССМ за зголемување на минималната плата за дополнителни 6.000 денари со зголемување и на останатите плати за истата вредност“, велат од ССМ.
Синдикалците алармираат дека работниците во Македонија се соочуваат со се поголем притисок за нивната егзистенција поради високите трошоци за живот и ниските плати. Од ССМ ги повикуваат сите и велат дека имаме и имате можност и шанса да покажеме дека тие кои ја водат државата треба да го слушнат гласот на работниците, имаме можност да го покажеме работничкото незадоволство и заедно да излеземе на голем работнички протест на 1 мај, на кој ќе ги упатиме пораките, нашите и работничките барања.
Според информациите, на 1 мај, протестот ќе започне во 11 часот од пред Работничкиот дом со движење, Собрание – Стопанска комора – Влада. На протестот се очекува да се придружат сите кои ја поддржуваат работничката борба за достоинствени плати и пристојни услови за работа.

Од ССМ упатуваат на повик до сите, до работниците, заедно да се излезе на работнички протест на 1 мај – меѓународниот ден на трудот и заедно да побараме зголемување на минималната плата на 500 евра, зголемување на останатите плати за 100 евра, зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 12,6% согласно општиот колективен договор за јавниот сектор!
И.П