16 април, 2025
ПочетнаМАКЕДОНИЈАПушење под желатин – сива зона во угостителството

Пушење под желатин – сива зона во угостителството

Во многу скопски кафулиња и ресторани, пушењето цигари и понатаму е дел од секојдневието — и тоа не на отворено, туку во т.н. „затворени“ простори обвиткани со проѕирен желатин.

Законски дозволено или не, ефектот е ист: чадот се шири како да сте во стара балканска кафана од деведесеттите, каде димот се лепи за облеката, а за белите дробови – не прашува никој.

Скопјани сè почесто реагираат – но, ретко кој ги слуша.

„Влегов со бебе, излегов со кашлица“

„Неодамна сакав со бебето да испијам едно кафе во познато кафуле во центарот на Скопје. Кога влегов, прво помислив дека гори нешто. Целиот простор беше во дим, сите гости пушеа без апсолутно никаква грижа“, раскажува скопјанката Ивана Т., мајка на 9-месечно бебе. „Се збунив и го прашав келнерот дали пушењето е дозволено во внатрешноста, а тој ми рече дека не сме внатре, туку ‘под желатин’. Е па, ако тоа е отворен простор, јас сум астронаут!“

Ивана вели дека не останала ниту пет минути.

„Се изнервирав, си заминав и отидов во друг локал, каде пак беше премногу студено затоа што таму навистина беше отворен простор. Испадна дека ако сакаш да дишеш чист воздух, треба или да се смрзнуваш или да останеш дома“.

За децата нема зона за дишење

Слично искуство имал и Сашко М., кој со сопругата и двете деца отишол на семеен ручек во еден ресторан во Влае.

„Кога влеговме, веднаш почувствував дека нешто не е во ред. Мирисот на скара беше заменет со мирис на чад од цигари. Деца внатре, трудници, постари луѓе – никому не му беше гајле. Сите маси беа окупирани од пушачи“.

Сашко се обидел да реагира.

„Му реков на келнерот дека не е во ред вака, а тој со ладен тон ни покажа една маса на крајот и рече: ‘Таму не се пуши.’ Ама каква е логиката? Воздухот е ист, ние дишеме ист чад како и оние што пушат. Само што сме подалеку од пепелниците“.

Тој додава дека децата почнале да кашлаат уште пред да го нарачаат ручекот, па на крајот едноставно си заминале.

Желатин – магичното алиби на угостителите

Поголемиот дел од угостителите се повикуваат на законската одредба според која пушењето е дозволено на отворени тераси и простори што не се целосно затворени со ѕидови.

Но, со поставувањето на проѕирни желатински завеси – кои реално не пропуштаат воздух – тие создаваат услови што се речиси идентични како во целосно затворен простор.

„Ова ни го дозволува законот, сè е според прописите. Желатинот не е ѕид, па не важи како затворен простор“, вели сопственик на едно кафуле во Дебар Маало, кој инсистираше да остане анонимен. „А и луѓето сакаат да пушат со кафе, не можеме да ги тераме надвор на минус температури“.

На прашањето дали некогаш добил казна или инспекција, кусо одговара: „Доаѓале, ама ништо страшно. Повеќе доаѓаат кога има гласна музика, отколку за чад“.

Законот е јасен, но казните – ретки

Според Законот за заштита од пушењето, пушењето е забрането во сите затворени јавни простории, вклучително и угостителските објекти, освен ако се работи за отворена тераса или летна градина.

Но, во пракса, ретко кој се придржува до тоа. Желатинските конструкции се сивата зона што инспекциите речиси никогаш не ја санкционираат.

Додека угостителите си ги полнат терасите со чадливи гости, непушачите остануваат игнорирани.

„Ние сме тие што треба да се прилагодат. Или ќе се гушиме, или ќе си одиме“, вели Ивана. „А каде е тука здравјето, каде е детската заштита, каде е човековото право на чист воздух?“

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП