Секоја есен илјадници млади луѓе од внатрешноста доаѓаат во главниот град со еден куфер, големи амбиции и со скромен буџет.
Многумина од нив се надеваат дека со 50 евра неделно ќе можат да преживеат во Скопје – да платат храна, превоз, ситни задоволства и, секако, кафе со пријателите. Но, дали оваа сума е реална или станува збор за урбана легенда?
„На почетокот мислев дека ќе ми стигнат, ама веќе втората недела морав да земам од родителите,“ вели Ана, студентка на Архитектонскиот факултет.
Таа живее во приватна соба во Аеродром и за кирија плаќа 120 евра месечно.
„Ова не го вклучив во тие 50 евра, тие ми се само за неделно трошење – и повторно не ми стигнуваат“.
Просечниот студентски оброк од менза чини околу 150 денари.
„Три пати неделно одам во маркет. Секогаш си правам листа, ама на крајот купувам и нешто што не ми треба – чоколадо, енергетски пијалак… и ми се пробива буџетот,“ вели Милан, студент на Економски факултет. „На крај, не останува за кафе или за кино“.
Превозот е друга ставка која „јаде“ од неделните 50 евра. Месечна карта за ЈСП за студенти чини околу 900 денари. Тоа значи дека ако се пресмета, само за превоз одат најмалку 15 евра месечно – или околу 4 евра неделно. Ако студентот нема карта и користи поединечни билети, трошоците се далеку поголеми.
И покрај сè, многумина успеваат да се снајдат. Некои студенти работат викенд-работи – шанкери, келнери, доставувачи на храна или работат на онлајн проекти.
„Работам социјални мрежи за една продавница и од дома си заработувам 100-150 евра месечно. Без тоа, тешко ќе издржев“, раскажува Тамара, студентка по маркетинг.
Секако, животот не е само преживување. Социјалниот живот е важен дел од студентските денови. А излегувањето, дури и во евтини барови, лесно може да го сруши неделниот буџет.
„Една вечер со друштво – две пива и некои грицки, и еве ти 700 денари,“ вели Дарко, студент од Битола.
На крајот, животот со 50 евра неделно е можна, но тешка мисија. Студентите стануваат мајстори на импровизација, пресметки и размена на ресурси.
Но, кога ќе дојде непредвиден трошок – лек, фотокопии или подарок – тогаш „системот паѓа“. Затоа многумина велат дека реална минимална неделна сума за живот на студент во Скопје е барем 70 евра.
„Не бараме луксуз, само да можеме да учиме без секојдневен стрес од пари,“ заклучува Ана.
И додека институциите ветуваат подобри услови за студентите, тие и понатаму учат – не само од книги, туку и како да преживеат со минимални средства.
Б.З.М.