Многу возачи не сакаат да менуваат зимски гуми во лето или едноставно забораваат да го направат тоа.
Сепак, ова не е добра идеја, бидејќи зимските гуми не се направени за високи температури. Тие се помеки од летните, се трошат побрзо и – што е најважно – можат сериозно да ја загрозат безбедноста.
Германскиот автоклуб ADAC предупредува дека зимските гуми во текот на летото можат да го зголемат ризикот од сообраќајни несреќи, особено поради загреаниот асфалт и прегревање на гумите. Во пролетните месеци тоа сè уште може да се случи, но во летни услови, кога температурите се високи, зимските гуми имаат полошо држење, а растојанието за сопирање е подолго.
ADAC тестираше зимски и летни гуми на температура на асфалтот од 30 до 36 степени. Резултатот беше загрижувачки: возилото со летни гуми целосно запре по 36,3 метри со брзина од 100 km/h, додека автомобилот со зимски пневматици се уште одеше 37 km/h и застана дури по 41,9 метри.
Зимските гуми може да се прегреат, особено ако возите брзо или ако возилото е силно натоварено (на пример, на одмор). Потоа има недоволна адхезија, што директно влијае на стабилноста и безбедноста.
Затоа експертите советуваат да не се користат зимски гуми во лето, дури и ако тие се уште имаат добра длабочина на шарите. Заштедата на менување гуми не вреди ако ја ризикувате својата безбедност и безбедноста на другите.