6 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа индустријата никако да и тргне!

На индустријата никако да и тргне!

Нов месец, нови негативни резултати испорача македонската индустрија. Официјалните податоци велат дека има намалување на индустриското производство, а се намалил и бројот на работници во индустријата. Намалените нарачки, кризата во Европа а особено во Германија се главните причини за минусот во индустријата во земјава. А токму овој дел од економијата ќе биде најмногу подложен на удар од најновите тарифи кои ги воведе САД за државава.

За речиси еден отсто е намалено индустрискотот производство на годишно ниво, односно споредено февруари годинава со истиот месец ланската година. Ова се најновите податоци на Државниот завод за статистика. Инвештајот вели дека подраматичен пад на производството има во рударскиот сектор и производството на енергија. Позитивни резултати се остварени во преработувачката индустрија.

„Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните оддели: Производство на тутунски производи, Производство на облека, Печатење и продукција на снимени медиуми (записи), Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, Производство на производи од гума и производи од пластични маси, Производство на други неметални минерални производи, Производство на метали, Производство на електрична опрема и Производство на мебел.“ стои во извештајот на ДЗС.

Во анализираниот период, статистичарите пресметале дека за нешто над четири отсто е намален бројот на вработени во индустријата. И тука има намалување во секторот рударство, и производство на струја. Но во овој дел на извештајот загрижува тоа што се намалува и бројот на вработени во преработувачката индустрија, каде бројот на работници за една година е намален за 4,5 отсто.

Гледано по сектори, бројот на работниците во секторот Рударство и вадење на камен во февруари 2025 година, во однос на февруари 2024 година, бележи опаѓање од 2.3 %, во секторот Преработувачка индустрија бележи опаѓање од 4.3 % и во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација од 1.5 %.

„Според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во февруари 2025 година, во однос на февруари 2024 година, бележи опаѓање кај Енергија за 2.6 %, кај Капитални производи за 6.3 %, Интермедијарни производи, освен енергија за 1.3 % и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 6.3 %, додека пораст бележи кај Tрајни производи за широка потрошувачка од 18.0 %.“ се наведува во извештајот.

Од криза во криза, таква е македонската економија. По неколку годишната пандемија и енергетската криза, кога сите помислија дека стопанството конечно ќе застане на нозе, се случува удар врз Германкста економија за која нашата е многу поврзана. И веднаш по првите знаци на опоравување на најмоќната европска економија, на САД им текна да воведат повисоки царини помеѓу кои и за Македонија. Сега експертите не стравуваат многу по директните последици во однос на трговијата која земјава ја има со Америка, туку од индиректните бизниси во кои и македонските компании имаат учество.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП