Граѓаните на еврозоната очекуваат просечната инфлација да биде 2,6 отсто во следните 12 месеци и дека нивниот номинален приход ќе порасне за еден отсто во истиот период, што е значително побавно од стапката на инфлација, покажува февруарското истражување на Европската централна банка (ЕЦБ) објавено денеска.
Инфлациските очекувања не се променија во однос на јануари, а испитаниците тогаш беа нешто помалку оптимисти за растот на номиналниот доход, очекувајќи раст од 0,9 отсто.
Според очекувањата на анкетираните граѓани, Европската централна банка нема да успее ниту по 36 месеци да ја потисне инфлацијата до посакуваните два отсто, бидејќи просечните инфлациски очекувања за следните три години стагнираа на 2,4 отсто.
Потрошувачите очекуваат економскиот пад на еврозоната да биде 1,2 отсто во следните 12 месеци, што е нешто понеповолно отколку во јануари кога очекуваа пад од 1,1 отсто.
Истражувањето е спроведено онлајн на примерок од околу 19.000 возрасни потрошувачи од 11 земји од еврозоната, особено Белгија, Германија, Шпанија, Франција, Италија, Холандија, Ирска, Грција, Австрија, Португалија и Финска, се наведува на веб-страницата на Европската централна банка.