Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), заедно со сите единици, донира 3.800.000 денари на Црвен крст на Република Северна Македонија, наменети за финансиска помош за настраданите граѓани во пожарот во Кочани.
„Трагичниот настан што одзеде голем број животи предизвика огромна болка во целото наше општество, која никогаш нема да биде надмината. Во овие тешки моменти, кога голем број семејства изгубија синови и ќерки и кога огромен број млади луѓе закрепнуваат од тешките последици што ги предизвика огнената стихија врз нивното здравје, од исклучителна важност е да бидеме солидарни и да помогнеме за барем малку да го олесниме нивното закрепнување“, наведуваат од УКИМ.

