Минималната плата од април ќе порасне за околу 2.200 денари, најави премиерот Христијан Мицкоски, додавајќи дека новиот износ ќе изнесува приближно 24.400 денари, согласно законската методологија за пресметка.
Тој остави отворена врата и за евентуално ново зголемување, доколку дојде до договор помеѓу работниците и работодавачите.
Веста ја поздравија дел од граѓаните, но не недостасуваа ниту скептичните реакции, особено од оние кои со години работат за минималец, без притоа да почувствуваат вистинско подобрување во животниот стандард.
„Добро е што се зголемува, ама и трошоците секој месец растат. Секое зголемување се јаде со поскапувањата“, вели Јасмина од Ѓорче Петров, која веќе 12 години работи во текстилна фабрика за минимална плата. „Пред некоја година минималецот беше 12.000 денари, сега ќе биде 24.000 – ама ни сега не се живее. Многу пари ни одат на кирија, струја, храна. За ништо друго не останува“.
Според премиерот, Владата го почитува Законот, а Комисијата за утврдување на репрезентативноста на синдикатите работи на процесот за вклучување на работнички претставници во економско-социјалниот дијалог.
„Ако се договарат за поголема сума, ќе го промениме Законот и ќе навлеземе во дополнително нивелирање“, порача Мицкоски.
Од друга страна, дел од граѓаните велат дека не е доволно само зголемување на минималецот, туку потребна е поширока економска стратегија.
„Зголемување на минималецот е добар чекор, но што со оние што примаат малку над минималната плата? Тие ќе останат со исто, па ќе се изедначат со минималецот. Тоа создава нова неправда“, предупредува Александар од Аеродром, вработен во приватна компанија каде редовно добива околу 26.000 денари месечно. „Потребни се системски реформи, прогресивна даночна политика и поддршка за компаниите што сакаат да ги зголемат платите на вработените“.
Социјалните мрежи во изминатите 24 часа се преплавени со реакции на објавата. Некои ја поздравуваат иницијативата, нарекувајќи ја „долгоочекуван чекор“, додека други предупредуваат дека зголемувањето ќе биде залудно ако не се сопре инфлацијата.
„Секое зголемување на минималната плата досега беше проследено со поскапување на основните производи. Да не се лажеме, маркетите и продавниците веднаш ќе се прилагодат. Пак ќе сме тука кај што сме биле“, пишува еден корисник на Фејсбук.
Иако официјални бизнис асоцијации засега не реагирале формално на најавата, повеќе стопанственици кои не сакаат да бидат именувани велат дека новото зголемување ќе биде дополнителен товар за малите и средни компании.
„Ќе мора повторно да ги прилагодуваме ценовниците, а тоа значи нов бран на инфлација“, вели сопственик на мала печатница од Чаир.
Граѓаните очекуваат од април новата сума да влезе во исплатите, но и апелираат да не се остане само на минималецот.
„Зголемување треба да има и за останатите плати, некој да ги притисне работодавачите да ги вреднуваат вработените. Да не биде сè на хартија, а во пракса газдите да најдат начин да ја заобиколат обврската“, вели Борче од Бутел, кој работи како обезбедување во приватна фирма.
Б.З.М.