19 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАСамохраните родители и семејствата со три или повеќе деца се најсиромашни во...

Самохраните родители и семејствата со три или повеќе деца се најсиромашни во Македонија!

Секој втор самохран родител или 51, 8 отсто од родителите кои немаат партнер а издржуваат дете живеат во сиромаштија. Во слична состојба се наоѓаат и семејствата кои имаат три или повеќе деца во државава, 41 отсто од нив имаат финансиски потешкотии достоинствено да го протуркаат месецот. Ова се најнови податоци на Државниот завод за статистика, а се однесуваат за 2022 година. Пресметката вели дека стапката на сиромаштија во 2022 година во земјава изнесувала 22,9 отсто.

Во оваа анализа опфатени се приходите на семејствата, условите за живеење и методологијата по која се пресметува квалитетот на живот согласно препораките на Евопската унија.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека за самечко домаќинство или за еден човек во текот на една година му се потребни најмалку 129 600 денари, оваа сума е минималната под која секој се смета за сиромав. Во однос на семејство со двајца возрасни и две деца до 14 години, сумата изнесува 272 илјади денари, се под оваа сума е проблем за покривање на основните животни потреби.

„Основа за пресметките на сиромаштијата се приходите, а прагот на сиромаштијата е дефиниран на 60 % од медијалниот еквивалентен приход. Анализирано по типови домаќинства, стапката на сиромаштија на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца во 2022 година е 27.2 %. Според најфреквентниот статус на економската активност, стапката на сиромашни вработени лица е 8.9 %, додека стапката на сиромашни пензионери е 9.9 %. Коефициентот на Џини (мерка за нееднаквоста во распределбата на приходите) е 29.8 %“, стои во извештајот на ДЗС

Извештајот покажува и дека сиромаштијата кај семејствата без деца изнесува 14,3 отсто. Стапката на сиромаштија кај самечките домаќинства или еден човек до 65 години изнесува 23 отсто. Домаќинства од тројца возрасни 10 отсто сиромаштија, самохран родител со издржувани деца 51,8 отсто, семејство со двајца родители и едно дете сиромаштија од 19 отсто, домаќинства со двајца возрасни и две деца 29 отсто сиромаштија. Сериозна е ситуацоијата и кај семејства со двајца возрасни и три или повеќе деца, сиромаштија од 41 отсто. Овие податоци се од пред три години, кога цените на храната практично почнаа да растат. Без да се биде голем песимист може да се претпостави дека податоците за следниве години ќе бидат далеку позагрижувачки.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП