18 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа трговците им текна дека време е заеднички да се решат проблемите...

На трговците им текна дека време е заеднички да се решат проблемите со цените!

Трговците ги повикуваат сите засегнати страни, со заеднички сили да ги решат предизвиците и проблемите со кои се соочува оваа дејност. Планот на трговците на големо и мало е да се изгради еден партнерски однос со сите институции во интерес како што велат на заеднички бенефит. На неколку пати синдикалците јавно ги критикуваа трговците дека токму тие се главните виновници за енормниот раст на цените на храната. Во меѓувреме бизнисот излезе со анализа во која се презентираше делењето на профитот од ланецот на трговија. Тие податоци покажаа дека трговците добиваат најмалку, во однос на производителите и дистрибутерите. Како и да е, реалноста кај граѓаните е дека животот во Македонија не бил никогаш поскап.

Стопанската комора на трговци на големо и мало, претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалоци и тутун, упатува апел за соработка, до сите засегнати страни, со цел изнаоѓање трајни решенија, за предизвиците во секторот трговија. Комората има за цел, да гради партнерски однос со сите институции, во интерес на заеднички бенефит, наместо да биде поставена во позиција на конфронтација.

„Како регистриран правен субјект, Комората ги застапува интересите на стопанските субјекти, кои претставуваат двигател на економијата. Преку своето работење, Комората на своите членки им овозможува:
-Пристап до релевантни иформации, едукации и правни совети, учество на саеми и настани, можности за финансирање, поддршка во унапредување на регулативата во секторот. Во фокусот на нашата работа е подобрување на законската регулатива, особено во делот на економските и правните спорови, како и спроведување на Законот за заштита од нефер трговски практики, кој треба да придонесе за стабилизирање на цените и избегнување на прекумерни казни за трговците,дистрибутерите и производителите“, велат од комората.

Од оваа комора велат дека веќе се загрижени од перцепцијата која се создава во јавноста, дека со нивното работење тие се во конфликт со Владата и државните институции. Таквото нешто велат дека не постои.

„Сакаме јасно тоа да го демантираме – ние не водиме „војна“, туку повикуваме на партнерство и конструктивен дијалог, за наоѓање соодветни решенија, кои ќе ги минимизираат ризиците и ќе помогнат во надминување на идните предизвици. Членките на Комората, претставуваат значајна сила во секторот трговија и дистрибуција“, додаваат од Стопанската комора на трговци.

Во оваа ново формирана комора членуваат 86 трговски фирми, близу 1000 продавници и над 8000 вработени. Уверуваат дека нивната улога ќе биде да се обезбеди стабилна деловна средина и фер односи за сите учесници во секторот трговија со прехранбени и непрехранбени производи.

Инаку, на неколку пати од Сојузот на синдикати на Македонија вината за неуспехот на владините мерки кои требаше да ја зауздаат инфлацијата беше адресирана токму кај ланците на маркети кои според синдикалците несовесно постапувале. Пред да бидат воведени мерките цените растеа за потоа минимално да се намалат или замарзнат на ново кои и тоа како им носеше големи приходи. Истото се случуваше и по завршувањето на било која мерка, цените на храната побудалуваа.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП