Потенцијалниот крај на војната во Украина би можел да донесе значајни економски придобивки не само за Европа, туку и за Македонија.
Економските експерти предвидуваат дека мирот ќе отвори нови можности за македонските компании, особено во градежниот сектор, како и за извозот на земјоделски и индустриски производи.
Градежните компании подготвени за нови можности
Обновата на Украина, која ќе бара огромни инвестиции во инфраструктурата, ќе биде шанса за македонските градежни фирми.
Иако македонските компании досега немале значајно присуство на украинскиот пазар, експертите сметаат дека тоа може да се промени.
„Очекуваме дека ќе има повици за меѓународни компании кои ќе учествуваат во обновата на Украина. Нашиот градежен сектор има искуство и знаење за вакви проекти, особено во инфраструктурните работи“, велат економистите.
Компаниите од регионот веќе покажуваат интерес за учество во потенцијални реконструкциски проекти, а македонските фирми би можеле да се најдат во таа мрежа преку партнерства со поголеми европски компании.
Извозот – можност за македонските производители
Иако Македонија нема голема трговска размена со Украина и со Русија, прекинот на конфликтот може да создаде нови можности за македонските производители.
Лани земјава најмногу извезувала лекови и земјоделски производи, меѓу кои зелка, а увозот бил концентриран на руски гас, украински челик, масло и репка.
„По завршувањето на војната, економијата на Украина ќе има зголемена потреба од увоз, бидејќи многу нивни капацитети се уништени. Тука гледаме шанса за македонските производители на храна, лекови и градежни материјали“, коментираат експертите.
Дополнително, ако се намалат цените на енергенсите по завршувањето на војната, тоа ќе има позитивен ефект врз македонската индустрија.
Намалените трошоци за транспорт и енергија ќе ја направат домашната продукција поконкурентна на странските пазари.
Без кршење на санкциите
Македонските власти засега не забележале прекршувања на санкциите кон Русија, а официјално земјата ги следи европските политики во однос на економските рестрикции.
„Се придржуваме до санкциите кои ги воведе Европската Унија и немаме информации за нивно заобиколување преку македонски компании“, изјави за нашиот медиум извор од Министерството за економија.
Во меѓувреме, додека светот го очекува крајот на војната, македонските фирми веќе анализираат како да се позиционираат за новите можности што би се отвориле во постконфликтниот период.
Ако мирот донесе стабилност и нови економски шанси, македонската економија ќе има шанса да го искористи тој момент за раст и развој.
Б.З.М.